Васка Јанковска бара шанса за настап на Евровизија: Имам интуиција, ќе победиме!

by fokus

Васка Јанковска, вокалистката со моќен глас која цели 12 години пееше на концертите на Горан Бреговиќ со неговиот ,,Оркестар за свадби и погреби’’ реагира по повод начинот на кој во изминативе години МРТ избира претставник од земјава за популарната музичка манифестација Евровизија. Вели дека фер би било кон талентираните изведувачи, но и кон јавноста, да се избира нашиот претставник на конкурс, со цел сите заинтересирани да добијат можност да ги покажат своите способности.

-За мојот глас нема потреба самата да ви кажувам. Ме знае целиот свет, имам фанови од сите земји каде што настапував со Бреговиќ. Во годините кога пеев со неговиот оркестар имав и по 150 концерти годишно. Кога би добила добра песна, верувам дека ако не прво, но второ место сигурно ќе освојам на Евровизија. Можеби звучи нескромно, но мислам дека сите талентирани изведувачи, помеѓу кои и јас, треба да добијат шанса за учество на Евровизија, да се смени досегашниот концепт на избор на песна и изведувач. Јас ја претставував Македонија низ целиот свет на концертите со Бреговиќ, па не гледам зошто не би ја претставила достоинствено и на Евровизија – раскажува Васка.

Таа и стана позната на јавноста кога ја отпеа ,,Едерлези’’ на Горан Бреговиќ во култниот филм ,,Дом за бесење’’. Веднаш потоа стана дел од неговиот оркестар, а прекинала со концертите пред околу шест години, откако доживеала сообраќајна несреќа во соседна Грција, кога нејзиното возило удрило во камион на враќање од концерт.

По долготрајната терапија, се вратила на музиката и редовно пее на претставата Кармен.

-Нема човек кој не ја слушнал мојата изведба на ,,Едерлези’’. Нека ми се даде шанса, нека ми се даде добра песна, добар текстописец и продуцент, сигурно ќе направиме нешто врвно на Евровизија. Имам одлична интуиција, таа никогаш не ме лаже – вели Јанковска.

Македонија го потврди учеството на 63-тото издание на Евровизија кое ќе се одржи во Португалија на осми, десетти и дванаесетти мај, но сеуште не е познато кој изведувач и со која песна ќе не претставува. МРТ како полноправна членка на Европската радиодифузна унија, со лиценца за организирање и учество во најголемиот музички натпревар во Европа – Избор за песна на Евровизија, не открива на кој начин и кога ќе биде избран нашиот претставник.

Вики Клинчарова

Поврзани новости