Вангеловски е зачуден од барањето на Јанева за негово изземање

by fokus

Откако специјалната јавна обвинителка Катиц Јанева побара изземање на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, за да не може да не постапува по предметот кој се однесува за притворот на бизнисменот Сеад Кочан, Вангеловски за „Фокус“ вели дека Врховниот суд ќе постапи по ова барање како и по секое друго, согласно законите.

-Единствено ме чуди што СЈО барањето за изземање го поднесува дури сега, кога на јавна седница видоа дека сум дел од Советот и тогаш немаа никаква забелешка, вели Вангеловски.

Имено, неодамна Јавното обвинителство, со кое раководи Марко Зврлевски, до Врховниот суд поднесе барање за заштита на законитоста со кое се бара укинување на решенијата со кој му е определен притворот на Кочан, а Вангеловски е дел од Советот кој треба да донесе одлука дали предметот ќе се врати на повторно одлучување.

Од СЈО информираат дека бараат изземање на Вангеловски бидејќи тој е опфатен во јавно објавените телефонски разговори и тоа во период кога исто така ја извршувал функцијата претседател на Врховниот суд.

-Во согласност со препораките на Европскиот суд за човекови права, непристрасноста на судот е една од основните гаранции на правото на правично судење, така што секое сомнение за пристраснот треба да биде отстрането, велат од СЈО.

Оттаму прецизираат во прислушуваните разговори Вангеловски, додека е на функцијата претсетадел на Врховен суд, разговара со екс министерот Јанакиески за случајот „Глобал“.

-Стравувањата околу непристрасноста на судијата Вангеловски се засноваат врз јавно објавениот разговор со екс министерот Јанакиески за случајот „Глобал“, а во време кога е претседател на Врховниот суд. Овој разговор ја доведува во прашање непристрасноста на судијата Вангеловски да постапува по ваков тип на предмети, поради постоење на реална опасност од неговата претходна заинтересираност за решавање на предметот во определена насока, напишала обвинителката Катица Јанева во Барањето за изземање.

Вангеловски неодамна седна на претседателското столче на Врховниот суд, по што за интервју за Телевизијата 24 призна дека гласот во бомбите е негов, односно неговиот разговор со екс министерот за труд и социјална политика Миле Јанакиески е веродостоен.

Прашан за кумството со Трајко Велјановски, пак, Вангеловски на новинарката и одговори: Можам и вам да ви бидам  кум ако сакате, важна е професионалноста.

В.В.

Поврзани новости