Успешна година за шампионот Игор Стефановски – Иџе: Ме мотивираа Нина и Олег!

by fokus

Најуспешниот македонски натпреварувач во автомобилски трки и два пати европски шампион на ридски патеки, Игор Стефановски – Иџе ќе ја памети годинава што изминува како турбулентна, исполнета со подеми, но и со падови, од кои што научил многу, и на крајот како победник се издигнал над сите препреки.

Уште еднаш, себеси си докажал дека знае, може и сака да победува, а за ,,Фокус’’ раскажа дека неговите успеси се должат на упорноста, пожртвуваноста, но и на поддршката од семејството.

„ 2016 ќе ја паметам по турбуленциите на европскиот шампионат, секако и по победата на легендарната Имола, каде што прв пат се интонираше нашата државна химна. Цела година бев фокусиран на моето прво учество во европскиот шампионат на кружни патеки, практично тоа е и прво учество на македонски автомобилист во тој ранг на натпреварување, што сепак мислам дека не е мала работа. Морам да напоменам дека планираните достигнувања не се остварија од причина што немав конкурентен автомобил во петте трки, но одиме понатаму’’, вели Стефановски.


Во секоја професија има и успони и падови, тие две нешта одат заедно, само што секој човек реагира различно, додава Стефановски – некој се откажува по првиот пад, додека, пак, друг оди напред, уште помотивиран од порано, учејќи од грешките во минатото.

,„Падовите се резултат на мојата лоша проценка за тимот за кој настапував првите пет трки. Иако делуваа професионално, испаднаа тотални аматери бидејќи ако не ти го обезбедат најосновното – возилото, тогаш целата таа машинерија во европскиот шампионат нема можност за успех. Психичкиот момент беше многу голем, но за среќа, иако бев свесен дека ќе се соочам со казна, на последната трка го сменив тимот, добив вистинско конкурентно возило и победив. Самиот факт што луѓето, па дури и сопственикот на претходниот тим со наведната глава ми го честитаа успехот доволно говори дека можам, знам и сакам да победувам’’, раскажува Игор, признавајќи дека среќата и љубовта во неговиот дом, во голема мера играат улога и во неговите професионални достигнувања, бидејќи човек без хармоничен и среќен живот, тешко дека може максимално да се сконцентрира и да се посвети со цело срце на работата.

Открива дека неговите деца Нина и Олег биле главни ,,виновници’’ што го направил хуманитарниот караван за безбедност во сообраќајот.

,,Приватно сум многу среќен што заедно со мојата сопруга Емилија се трудиме нашите две деца Нина и Олег да израснат во вистински луѓе, да ги почитуваат трудот и упорноста. Па, дури и да бидам искрен, хуманитарниот караван што го направив во шест градови во нашата држава за безбедност во сообраќајот беше мотивиран од желбата и други деца на возраст како Нина и Олег, да почнат да внимаваат во сообраќајот и да бидат претпазливи. Оваа година ми е посебно среќна бидејќи мојата ќерка е прваче и секојдневно ја гледам како стекнува нови знаења и вештини. Како и секој родител, така и јас и мојата сопруга сме среќни со напредувањето на нашите две деца’’- вели шампионот.

Тој додава дека годината што изминува е уште една во низата на успешни години за него, но знае дека наредната што доаѓа ќе му биде исполнета со предизвици.

,,Наредната година всушност ќе биде вистински тест за мене лично, што се однесува до натпреварувањето во ЕТЦЦ. Се надевам дека ќе се обезбедат сите услови – возило и тим кои одговараат на ова натпреварување. Секој што ме познава знае дека јас сум задоволен само со прво место, така што очекувајте безкомпромисен напор од моја страна околу првенството. Што се однесува до приватни планови, би посакал многу здравје на сите, се разбира и на моето семејство, успеси во работата, како и што повеќе насмевки. Јас ќе продолжам во границите на моите можности да делувам во сите сфери на општеството. Ви посакувам Вам и на Вашите читатели здравје, труд и работа во наредната, 2017 година’’ , порача за ,,Фокус’’ Стефановски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости