Уште еден прекршок против „Алфа“ кој ќе ја чини телевизијата 4.500 евра

by fokus

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поднесе уште еден прекршок против телевизија Алфа за непочитување на Изборниот законик со тоа што ја прекршила одредбата која забранува емитување на резултати од анкети за испитување на јавното мислење пет дена пред одржување на изборите.

„Врз основа на извештајот од мониторинг на изборното медиумско претставување за време на изборната кампања, заради емитување на прилози со резултати од испитување на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес, по истекот на законски пропишаниот рок за тоа, против ТВ Алфа е покрената прекршочна постапка“, велат од Агенцијата.

Станува збор за резултатите од испитувањето на јавното мислење, емитувани на 10 и на 11 октомври 2017 година, во рамки на ТВ магазинот „Алфа Скоп“, во информативниот блок насловен „Вести избори“.

Овој прекршок ќе ја чини телевизијата 4.500 евра и е поднесен до надлежниот суд. Претходно ТВ Алфа доби прекршок за кој е предвидена глоба од 8.000 евра затоа што телевизија неизбалансирано известувала, со тоа што за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во вестите отстапила двојно повеќе време отколку за останатите кандидати.

Поврзани новости