„Улицата“, „шаренилото“ и партијата. И ние!

by Fokus

Некои луѓе (можеби повеќето) од „улиците“ и „шаренилото“ ќе биде подобро да си останат таму кај што се најдобри – на „улиците“ и во „шаренилото“. Не им е место во влада ниту пак таквото место се дава по некакви „улични“ или „партиски“ заслуги. Самите се бореа за квалитетот да биде во владата па самите нека се повлечат и си ги испочитуваат принципите заради квалитетот во владата.

„Улицата“ и „шареното“ не може да биде мерило за квалитет. Може да биде мерило за некаков степен на демократија и веројатно прв сигнал кога во државата ќе има нешто гнило (и ќе треба да се реагира).

Истото ова важи и за партиските апаратчици што очекуваат некаква „награда“ за нешто сработено. Функција во Владата или општината не е и не смее да биде награда.

Лидерот Заев треба да им објасни на партијците и „шаренавите“ и да ги разграничи овие работи пред да биде доцна. Како тргнаа, освен исклучоци (Заев, Димитров, и уште некој), речиси сите тргнаа во „лапање“ и „лигавење“ наместо во активности кои ќе дадат конкретни резултати.

Очекуваме нулта-загадување (а не замачкување на реалноста), нулта-толеранција за криминалот (во сите редови), конкретни чекори во економијата (а не само натпревар кој повеќе ќе даде субвенции) и домаќинско работење (заедно со отчетност). Тоа се појдовните и крајните точки на кои треба фокус и мерливост.

Пишува: Венко ГЛИГОРОВ

Поврзани новости