Угостителите тријат раце на пијани деца

by Fokus
Казните од околу 4.000 евра, казни за забрана за работа во период од еден месец, и целосна забрана за работа за повторување на делото, очигледно не можат да заплашат добар дел од угостителите, кои посебно во летниот период не прекинуваат да точат алкохол на малолетници.
 
Нивни најредовни муштерии се деца на возраст од четиринаесет години, па нагоре, а како најчест резултат од ова грубо кршење на законот се алкохолните труења на децата.
 
Такви случеви се најчести за време на викендот во цела земја, а посебно во помалите места. Причината за тоа е најверојатно фактот што полициските службеници не сакаат да се замеруваат со угостителите, бидејќи речиси сите меѓусебно се познаваат, па полесно им е да ги затворат очите, наместо да напишат казна за секое кршење на законот.
 
За време на викендот, било пријавено дека во познат локал во внатрешноста се точел алкохол на малолетници, но дури откако група од деца на возраст од 14 и 15 години, по ,,забавата’’ завршиле во алкохолизирана состојба, а настанот во полиција го пријавил дежурен лекар од Итната помош.
 
Наивната тинејџерска забава во локалот започнала уште во 21:30 часот со вотка, коњак, коктел од вино, и со по пет текили, за секое дете. И покрај тоа што келнерите биле свесни за состојбата на децата, сепак продолжиле да ги служат со алкохол, доведувајќи им го животот во загрозувачка состојба.
 
Родители на децата веќе дали изјави околу настанот, а против прекршителите на законот ќе биде поднесена кривична пријава. Тие реагираат, како е дозволиво да се служи алкохол на малолетници, и како може келнерите, и откако веќе било очигледно дека децата се пијани, да продолжат да им точат алкохол.
 
,,Се работи за битка за пари. Угостителите печалат на пијани деца и не мислат на последиците. Тоа значи дека законите за нив не важат и се недопирливи! Со каков квалитет може да биде текила, која чини 50 денари? Се работи за алкохолни пијалоци кои се евтини поради лошиот квалитет, а децата се најлесна мета да им се подметнат. Каде се полициските контроли?’’– прашува еден од родителите на тинејџерите.
 
Тој додава дека како родител сноси одговорност и негова обврска се воспитувањето и едукацијата за пороците, но кога децата ќе излезат надвор, тие се препуштени самите на себе, а за жал и на некои профитери и искористувачи.
 
Родителите јавно прашуваат зошто локалите познати како збиралишта на тинејџери, каде е јавна тајна точењето на алкохол, сеуште немаат клуч на врата и продолжуваат непречено да работат, и апелираат полицијата да се зафати со работа.
 
Но она што иритира во случајов е што полициските службеници ретко влегуваат во локалите кои се познати во градот како збиралишта на тинејџери. Се случува да поминат покрај масите кои се наоѓаат надвор, а на кои стојат чашите со алкохолни пијалоци пред тинејџерите, и да ја игнорираат сликата.
,,Кога и да отидеме во контрола во некое кафуле, сопствениците веднаш се бунат. Како најчест изговор им е реченицата – А што не влезете во тој и тој локал, туку се кај мене доаѓате?’’ – вели еден од полициските службеници од внатрешноста во неформален разговор.
 
Во помалите места каде речиси сите меѓусебно се познаваат, неретко се случува угостителите, келнерите и бармените да се во роднинска, пријателска или соседска врска со полициските службеници, со што, иако не би смеело, им се отежнувала работата.
 
И додека угостителите тријат раце на пијани деца и работат на својот профит, упорно се правдаат дека не може од око да ја проценат возраста на тинејџерите.
 
Од Клиниката за токсикологија во Скопје често алармираат дека кај нив завршуваат деца, помали од 14 години. Имало случаеви кога третирале и деца од единаесет годишна возраст кои биле под дејство на алкохол, згрижувани кај нив поради брзата интервенција потребна за спасување на младиот живот.
Покрај забраната за точење алкохол на малолетници, активна е и забраната за нивно присуство во локали по полноќ, но ниту таа не се почитува во голем број на кафулиња, каде дури и не може да се види гостин постар од 18 години.
 
Факт е дека алкохолот е евтина легална дрога, лесно достапна за младите, а несовесните угостители се тие кои профитираат незаконски, не водејќи грижа за последиците.
 
Тинејџерите се поранливи од ефектите на алкохолот, бидејќи имаат послаба самоконтрола, немаат доволно искуство да ги спознаат своите граници, и консумирањето алкохол во големи количини во нивни години почесто води до алкохолна интоксикација. Последиците кај нив се секогаш поголеми, бидејќи во тој период телото сеуште им се развива.
 
Според Институтот за јавно здравје на Македонија, 18 проценти од момчињата и 9 отсто од девојчињата на 15 – годишна возраст неделно консумираат алкохол.
Вики Клинчарова

Поврзани новости