U kallën kandilat

by fokus

Ебу Хурејре пренесува од Пратеникот на Алах, Мухамед с.а.в.с.: Кога ќе дојде Рамазан, се отвораат џенетските (рајот) врати и се затвораат џенемските (пеколот), а шејтаните (ѓаволите) се врзуваат

Пишува х. Сулејман еф Реџепи

Пред некој ден сретнав еден господин, повозрасен човек, стар скопјанец, Македонец што долго живее во странство. Не паметам дека сум разговарал некогаш со некој кој со толку многу љубов и емоции, со толку носталгија говорел за својот град, за пријателите од детството. Ми раскажуваше за старите скопски маала, ја паметеше секоја куќа, секој комшија, секој дуќан. Жива енциклопедија. Ете ја подолу неговата приказна:

Живеев во мешано маало и најдобар другар ми беше Осман. Денес можеби звучи чудно, ама тогаш беше нормално. Се сеќавам, на пример, дека најубавите велигденски јајца му ги носев нему, а тој, пак, беше шампионот во кршење, не знам како успеваше да ги одбере најздравите. Се сеќавам и дека  на Осман му се допаѓаше да тропа по комшиските врати заедно со мене и да вика „Коледе леде, паднало дете…“. Несвесни за разликите меѓу луѓето, тропавме и по муслимански порти, а муслиманските жени, покриени и толку драги, секогаш ни ги полнеа рацете со овошје. А јас, пак, Македонец христијанин, во месецот Рамазан, заедно со Осман и останатата дружина, од едно место од кај што се гледаше џамијата, го чекавме часот кога ќе светнат кандилите. „U kallën kandilat“ (светнаа кандилите), викавме со сиот глас низ маало за да нѐ слушнат рамазанлиите, тие што постат.

Прекрасно беше чувството да им јавиш на луѓето дека нивниот пост за тој ден е завршен и дека можат да седнат на своите софри. И денес го чувствувам вкусот на кол питата што ја изнесе мајка му на Осман за еден ифтар на кој ме покани. Се сеќавам дека еднаш отидов на теравија со мојот другар во Елен Капан џамијата, а Осман дури ме научи и абдест да земам. И денес би знаел да го изведам тоа ритуално миење, без помошта на Осман. И денес, иако нозете веќе не ме држат, би потрчал низ маало да ги известам рамазанлиите дека дојде времето на ифтарот, би викал со сиот глас

„U kallën kandilat“. Би викал, ама го нема веќе моето маало, ја нема Елен Капан џамијата, го нема Осман, го нема Скопје и го нема неговото големо срце…

УНИШТУВАЧИ НА ОПШТЕСТВОТО

Ете така говореше стариот скопјанец, кој одвреме-навреме наминува да си ја негува носталгијата. За жал, тоа Скопје за кое тој ми говореше и таквите односи меѓу луѓето, тој меѓусебен респект и таа љубов живеат само во неговите сеќавања. Да, да господине, иако не сум по музиката, се сеќавам дека сум го слушнал и јас некаде оној стих „Cini mi se da mjesec Ramazana pocinje, pomalo je tuzno… kada ostaris“.

Што требаше да му кажам на стариот скопјанец што среде бел ден шета низ Скопје како месечар? Зар требаше да му говорам за болката што ја чувствувам кога се споменува некогашниот „Бисер на Балканот“, а во кој јас гледам еден разобличен град, уморен и несигурен, град што сѐ повеќе се затвора позади блиндираните врати, град што живее по теркот на неговите уништувачи. Затворен, тажен, мачен, сив, одвоен и подвоен, токму таков каков што си го замислуваат и го бендисуваат уништувачите на нашето општество.

Да му кажев ли на стариот скопјанец дека денес во Скопје се незамисливи „мешаните маала“ од неговото детство, башка што маала веќе и не постојат. Дека, во бетонските кутии каде што се напикаа скопјаните на стариот скопјанец, комшиите не си ги знаат ниту имињата еден на друг, а камоли празниците, обичаите, традицијата и адетите. Дека децата се плашат да минуваат низ мостовите што потсетуваат по својот декор на филмовите со Дракула во Трансилванија.

Зошто да му го кажам сето тоа што и самиот го гледа секогаш кога ќе наврати во својот град. А и не е убаво да чепкаш по сликите што некој си ги меморирал во својот чип, да не говорам за тоа колкав злостор е уништувањето на нечии спомени. Маалата, калдрмата, шадрваните, срушените џамии, обичаите, традициите, почитувањето, комуникацијата, сето тоа се сега само бледи сеќавања, сето тоа партал го сторија уништувачите на општеството. Зошто би чепкал таму каде што скопјанецот го боли?

БУЈРУМ НА ИФТАР

Премногу е комплициран овој свет и овој живот што го живееме, иако е замислен и проектиран како движење кон напред, кон доброто и по доброто. Сѐ се плашам дека технолошково лудило одненадеж ќе излезе од контрола, а човекот, таков каков што станува во последно време, ќе му се приклучи на неконтролираното. Но, од тоа не се плашам само јас, се плашат и многу по храбри луѓе од мене.

Во секој случај, премногу лошотија видовме и ќе гледаме допрва. Бомби одекнуваат и во светиот месец, терористите не ги почитуваат Алаховите наредби, стравот кружи над нас како јавач на апокалипсата. Локално, продолжуваме да се караме и да се навредуваме, читаме сѐ и сешто, дури и муслимани со муслимани се навредуваат иако би требало во мир и спокојство да го минат месецот на постот.

Што би можело да се стори во моментов за да ги спуштиме тензиите? Можеби да се објави еден конкурс со кој се бара една надеж. Една надеж би се барала со тој конкурс, ама да не биде надеж само за едни луѓе, само за една класа, само за еден вид. Општа треба да биде таа надеж, не општинска. Треба да биде наднационална, надпартиска и надрелигиска надежта што ќе биде барана со конкурс и ќе биде избрана со акламација. Акламативна надеж, има ли таква, сте слушнале ли за таква? А токму таква треба да биде оваа нашата, инаку не ќе ја бидне.

Во очекување да го објави некој конкурсот за акламативната надеж, на мнение сум да организирам еден ифтар среде чаршија, таму каде што најмногу се чувствува рамазанската атмосфера. И, сакам да ги повикам на ифтар сите релевантни фактори во Македонија, сите тие што нѐ воделе и нѐ водат и сите тие што сакаат да нѐ водат, сите што си копаат очи и гроб еден на друг, било да се Албанци, Македонци, Турци, Бошњаци, Роми, леви и десни, шарени и не баш такви, аболирани и со повлечена аболиција, муслимани, православни, католици, протестанти, евреи, дервиши, атеисти, професори, академици. Би повикал претставници на групациите што ги споменав и од Косово и од Албанија.

Бујрум на ифтар, пријатели. Одредете по еден претставник, пожелно би било да бидат најистакнатите. Повелете да го вкусиме мирот и спокојството на светиот месец Рамазан, да разговараме за сѐ и сешто, само не за политика. Бујрум на два часа пријателство и разбирање, покажете дека во вас живее човекот што може да го послуша другиот, да се насмее, да признае дека згрешил и да побара прошка. Бујрум на ифтар, белким на два часа може да се отфрлат маските. Потоа, претпоставувам, секој на своја страна. Можеби токму некој од вас ќе го објави конкурсот за надежта што ја чекаме.

Во меѓувреме, кој сака и ако сака, може да ја изговори оваа дова (молитва) за која Пејгамберот Мухамед а.с. рекол: Нема ниту еден верник кој ќе ја проучи оваа дова, а Алах да не му овозможи излез од ситуацијата во која се наоѓа.

„Ла илахе илла енте субханеке инни кунту минез залимин“ (Нема Бог, освен Тебе, да си славен, јас се огрешив кон самиот себе)

Поврзани новости