Цеца не може без Македонија

by fokus

Пишува: Вики Клинчарова

Балканската турбо фолк ѕвезда Цеца Ражнатовиќ не може без Македонија. Секоја година, таа наоѓа време за своите македонски фанови и одржува концерт пред нашата публика, па така и годинава веќе е закажано нејзино гостување во Скопје. Настанот ќе се случи на дваесет и петти март во арената ,,Борис Тарјковски’’ а влезниците веќе се пуштени во продажба. Нивните цени се движат од 600, па се до 1.700 денари за ВИП сместување. Пред да дојде во Македонија, Цеца ќе има концерти и во Софија, соседна Бугарија, но и во повеќе поголеми градови во Германија и Шведска.

Лани, таа имаше голем концерт на стадионот „Кукуш’’ во село Турново, Струмица и пееше пред околу 12.000 посетители. Тогаш ВИП влезниците се продаваа по цена од 1.000 денари, а останатите по 600 денари, и беа распродадени една недела пред настанот. Голем број на јавни личности и политичари биле заинтересирани за концертот, и организаторите ни изјавија дека се ,,фаќале’’ врски за влезници во ВИП делот. Исто така, на 28 август пееше во Македонска Каменица пред околу 15.000 посетители, по повод обележување на дваесет годишнина на општината.

Преклани пак, Цеца имаше голем концерт во Штип, за време на општинската манифестација ,,Пастрмајлијада’’. Тој концерт остана запаметен по многубројната публика, но и по незгодата, кога група на гости дојдени да ја видат својата омилена пејачка пропаднаа во канал за атмосферска вода и завршија со повреди. Настанот се случил откако попуштиле бетонските плочи врз каналот, на кои што имало поставено маси за гостите од страна на угостителски објект. Тогаш, по електронски пат ја запрашавме ѕвездата дали барем ќе им поклони свое ЦД на фановите кои што завршија во болница и не успеаја да ја видат, но таа не ни одговори.

Исто така, по поплавите во Скопје, кога целиот регион се солидаризираше и донираше за настраданите, а таа се подготвуваше за концертот во Македонска Каменица, не ни одговори на прашањето дали и колку би донирала на поплавените семејства. По притисокот од јавноста, дека српските пејачи треба да ја покажат својата хуманост и да донираат, со оглед на тоа што се чести гости во Македонија од каде што добиваат вртоглави хонорари, таа на својот официјален Фејсбук профил информираше дека дел од хонорарот од Македонска Каменица ќе биде наменет за поплавените, но никогаш не соопшти дали и колку средства завршиле кај настраданите граѓани.

Поврзани новости