Трите писма што мајката на починатата Анамарија ги испратила до екс министерот Тодоров: Ги штитите ли лекарките што ми го убија детето

by Fokus

Откако семејството на 12-годишната Анамарија, која пред две години почина на скопската Клиника за инфективни болести под сомнителни околности заглавило по судските лавиринти, помош решиле да побараат и од тогашниот министер за здравство Никола Тодоров.

Мајката на починатото девојче испратила три писма до Тодоров во кои му го објаснува што се случило со Анамарија од нејзиното донесување на Инфективната клиника, па се до нејзината смрт по само неколку часа. „Фокус“ располага со писмата што мајката ги испратила до ексминистерот. Едно од писмата е испратено на 13 мај, 2015 година, во која 45-годишната Маргарета С. бара од Тодоров на кој му се обраќа и како на родител на дете да испита како е можно еден млад и јак организам да биде усмртен за неколку часа на Клиниката?

Таа во писмата бара одговори на неколку прашања и го замолува Тодоров да го испита случајот. Меѓутоа, од таму не добива никаков повратен одговор, односно писмата завршуваат во архивите на ресорното министерство.

Една година подоцна, на 16 декември, 2016 година таа испраќа уште едно писмо до Тодоров во кое го прашува дали причината за тоа што не реагира е да ги заштити лекарките, кои според родителите се виновни за смртта на нивното дете.

– И, вие како прв човек во системот, меѓудругото и како родител, го прифативте извештајот на комисиите без сомнеж…или се обидувате да заштитите неколку докторки, кои патем се уште работат со пациенти. Го очекувам вашиот одговор, дали е можно од настинка да се почине во 21 век и тоа во врвна установа како што Универзитетската клиника. И, за трагедијата да биде поголема, молк од ваша страна, се заталкува правната разврска на случајот – пишува мајката на Анамарија во писмото до Тодоров.

Малата Анамарија почина на 21 јануари, 2015 година на Клиниката за инфективни болести во Скопје, а нејзините родители за нејзината смрт ги обвинуваат лекарките што таа вечер била на смена на клиниката. Тие пред две години поднеле кривична пријава против трите лекарки, но случајот се уште тапка во место. Таткото на девојчето испрати и отворено писмо до медиумите, барајќи како вистината за смртта на неговото девојче да излезе на виделина.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

 

Поврзани новости