Трифун Костовски не одолеа на старата љубов, пеењето: Драга, изгледаш прекрасно вечерва!

by Fokus

Познатиот бизнисмен и поранешен градоначалник на Скопје, Трифун Костовски не одолеа на својата стара и голема љубов, пеењето, па по завршувањето на поп вечерта на Охрид Фест, пред групата од одбрани гости во хотелот Нова Ривиера, се фати за микрофонот.

Заедно со поп пејачот Ѓоко Танески, тој ја отпеа ,,Wonderful tonight’’ односно големиот хит на Ерик Клептон со безвременскиот рефрен ,,Драга, изгледаш прекрасно вечерва’’. По дуетите со Арсен Дедиќ, Александар Митевски и Борис Трајанов, Костовски одлично го вклопи својот вокал и со Танески.

Седумдесетгодишниот бизнисмен, со емотивната изведба на песната покажа дека шармот не е нешто што се губи со тек на годините. Облечен спортски, со бела кошула и елек, бели патики и препознатливата пура во рака, тој ги крена на нозе присутните. Некои пееја со него, други го снимаа настапот, за на крај да го наградат со бурен аплауз. Помеѓу гостите беше и поп дивата Маја Оџаклиевска, која со воодушевување со следеше пеењето на Костовски.

Вечерва, на завршувањето на Охрид Фест, на интернационалната вечер,тој ќе настапи и во шоу програмата. Покрај него, гледачите ќе имаат можност да го проследат и настапот на Владо Калембер. На поп вечерта, првата награда од публиката ја освои Пепа, со песната ,,Силна’’. Завчера пак, на фолк вечерта, победници беа Ленче и Горан Кукиќ со песната ,,Љубовна’’.

Вики Клинчарова

Поврзани новости