Трамп потпиша указ против законот за здравство

by fokus

Новиот американски претседател Доналд Трамп го потпиша , веднаш по влегувањето во Белата куќа, указот против законот за здравственото осигурување што го донесе неговиот претходник Барак Обама, кој вети дека ќе го укине во текот на својата кампања, објави Белата куќа.

Законот за достапното здравствено осигурување беше една од највпечатливите реформи во текот на сега веќе поранешниот демократски претседател Барак Обама.

Потпишувањето на указот со кој Доналд Трамп го поништи овој закон го овековечија камерите кои беа повикани во Овалната канцеларија. Меѓутоа, законот не може да се укине со потписот, туку мора да гласа и Конгресот во кој републиканците имаат мнозинство.

Со овој закон од 2010 година, кој беше жестоко критикуван од конзервативците поради неговите трошоци и административна комплицираност, требаше да се помогне на поширокото население на САД да се здобие со здравствено осигурување.

Трамп го критикуваше законот како неефикасен и недостапен. Неодамна неговиот потпретседател Мајк Пенс најави дека укинувањето на законот ќе биде првиот приоритет.

Демократите критикуваат дека републиканците со укинувањето на овој закон може да предизвикаат хаос на пазарот на здравствените услуги, со укинувањето на Обамакер. Исто така, не е познато со која алтернатива ќе биде заменет овој закон.

Законот за заштитата на пациентите и пристапната нега (АСА), како што официјално се нарекува законот, е усвоен во 2010 година за значително намалување на бројот на неосигурените Американци и истовремено да го забави рапиден раст за потрошувачката во здравство. Неговото усвојување имаше драматично влијание врз американскиот здравствен систем.

Обамакер не е јавна програма за здравствено осигурување. Тоа е законската рамка којашто на приватните осигурители им наметна обврски со намера подобро да се регулира пазарот и ширењето на услугите кои се покриваат со осигурувањето.

Во САД постојат само две јавно здравствен осигурувања на сојузно ниво: Медикејд, наменет за сиромашните семејства и поединци, и Медикер, за оние кои се повозрасни од 65 години. Повеќето американци се осигурени  во приватниот сектор, најчесто преку работодавачите.

Извор: Макфакс

Поврзани новости