Трајановски ќе бара и албански гласови за уште еден градоначалнички мандат

by Фокус

Актуелниот скопски градоначалник Коце Трајановски речиси сигурно ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за уште еден градоначалнички мандат на главниот град на претстојните локални избори, но, како што велат добро упатени извори од ВМРО-ДПМНЕ, овојпат Трајановски ќе води и поотворена кампања за придобивање на албанските гласачи, кои најверојатно ќе бидат одлучувачки при изборот на нов „градски татко“ во вториот изборен круг.

-На последните парламентарни избори, токму гласовите од Албанците, кои не успеа да ги исконтролираат албанските партии, го факторизираа СДСМ. Но, на локалните избори, особено за избор на градоначалник на Скопје, тешко дека ќе се случи истиот отклон, бидејќи Трајановски го препознаваат како рабнотник буквално сите граѓани. Па, ќе имаме ситуација многумина да гласаат за него, а истовремено да не гласаат за кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ во друга скопска општина – велат нашите извори.

Во контекст дека Трајановски создава и негува позитивини односи со албанската заедници и нивните политички претставници, истите извори посочуваат оти тој бил повикан и присуствувал на неодамнешниот погреб на ексградоначалникот на Боговиње, Хазби Идризи, кој, како што е познато, беше убиен во родното место по вербална расправија со поранешен соработник.

Според нив, и вчерашната посета на скопскиот градоначалник на Тирана, каде присуствуваше на миитингот на партијата на албанскиот претседател Илир Мета – Движењето за социјалистичка интеграција, е со цел да испрати порака дека тој нема ништо против Албанија и Албанците, откако неговата партија се конфронтираше со албанската влада на Еди Рама поради таканаречената тиранска платформа, што се рефлектираше и на расположението кај Албанците во земјава.

Трајановски не одговори на прашањата на Фокус во однос на оваа тема, но тој денеска јавно изрази подготвеност да влезе во трка за трет по ред градоначалнички мандат во Скопје доколку го кандидира ВМРО-ДПМНЕ, додека на вчерашната дебата по повод 27-от роденден на партијата порача дека немал селективен пристап во работата, туку дека реализирал проекти во сите средини.

-ВМРО-ДПМНЕ е единствена партија кога гради проекти и го реализира она што го ветува. Тоа што е важно и што сакам посебно да го истакнам е реализацијата на инфраструктурните проекти кои се направени во Скопје. Тука, би потенцирал дека е правено во сите 10 општини, без исклучок дали се од позиција или од опозиција, без разлика дали градоначалникот е од една или од друга етничка заедница – рече Трајановски.

Инаку, високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ периодов во разни прилики на разни форуми најавија дека треба да го преиспитаат односот кон Албанците, при што некои од нив истакнуваа дека Трајановски повеќе направил за Албанците во Скопје, отколку што направиле Изет Меџити, Теута Арифи и Невзат Бејта за Албанците во Чаир, Тетово и Гостивар.

В.С.

Поврзани новости