Тоше и неговиот внук Кристијан: Нераскинлива врска која вечно ќе трае

by fokus

Легендарната музичка ѕвезда Тоше Проески денес требаше да наполни 37 години. Неговиот роденден ќе биде одбележан со скромна музичка манифестација во спомен куќата во неговото родно Крушево, и ќе биде положено свежо цвеќе на неговиот гроб.

Музичкиот великан кој трагично го изгуби животот пред 11 години во сообраќајна несреќа во Хрватска, сеуште го има статусот на ѕвезда и по сите изминати години не стивнува интересот на јавноста за неговото дело, за необјавените песни кои од неговиот тим постхумно ги промовираат.

Како неизоставен дел од неговиот живот, народот се интересира и за неговиот внук од сестра, Кристијан Ристески, кого јавноста го запозна пред многу години, уште како мало момче кое со својот популарен вујко се појави во медиумите во повеќе наврати.

Денес симпатичното мало момче е веќе возрасен човек, има дваесет години и е втора година студент на ЕСРА, Универзитет за аудиовизуелни уметности во Скопје, на отсек интерпретација на популарна музика и музичка продукција. Музичка продукција изучувал кај Валентино Скендеровски, а пак модерно пеење кај тенорот Ѓорѓи Цуцковски.

Скромен, со истата невина насмевка по која го памети јавноста од времето кога Тоше гордо ги покажуваше нивните заеднички фотографии и раскажуваше за својот внук со љубов, Кристијан не сака да се експонира во медиумите и е посветен на студиите.

Сепак, од наши извори дознаваме дека минатата есен во Лондон, тој снимил песна посветена на Тоше и на нивната нераскинлива врска, кај познатиот продуцент Енди Рајт. Истата, најверојатно ќе се најде на вториот албум со песни на англиски јазик од Тоше, чија промоција јавноста ја исчекува подолг период.

Инаку, Енди Рајт е познато име во музиката, продуцент кој ги направил првите пет албуми на легендарните ,,Симпли ред’’ а Тоше Проески соработуваше со него за албумот на англиски јазик.

Покрај уметничката програма во спомен куќата во Крушево, најавени се и неколку хуманитарни акции од фановите на Проески во повеќе градови, во чест на неговиот роденден.

Вики Клинчарова

Поврзани новости