Топузовска ќе биде новиот декан на Медицински факултет

by Fokus

Соња Топузовска, професорка од Институтот за биохемија најверојатно ќе биде новиот декан на Медицинскиот факултет по денешните избори што се одржаа на факултетот. Таа треба да седне на деканското столче на местото на досегашниот декан Никола Јанкуловски, кој пред неколку месеци стана нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Според нашите информации, за Топузовска гласале 56 од вкупно 83 професори колку што биле присутни на изборот, додека за нефрологот Гоце Спасовски гласале 21 член на Наставничкиот совет. На трето место бил дирекорот на скопската Клиника за психијатрија, Антони Новотни, додека на четврто место бил педијатарот Зоран Гучев од Детската клиника.

„Фокус“ уште вчера објави дека најмногу шанси да стае декан има доктор Топузовска од Биохемија. Таа пред неколку месеци јавно реагираше против протестот на студентите по медицина во април кои го кренаа својот глас против последните измени во Законот за медицински студии, според кој отсега студентите ќе треба да полагаат испит по завршување на втората година од студиите, покрај редовните сесии и практичната работа.

Во тој период, продеканката Топузовска, тврдеше дека факултетот и покрај волјата на професорите и деканатот, не може да им излезе во пресрет на студентите и по донесувањето на Законот за медицински студии во 2013 година, студиската програма морала да се усогласи со одредбите.

-Се работи за Законот за медиински студии кој беше донесен во јануари 2013 година. На овој закон му претходеше јавна расправа на која медицинскиот факултет ги изнесе сите свои забелешки, посебно предвидувајќи го проблемот со временскиот теснец во кој студентите ќе се најдат до крајот на втора година. Ова значи дека најголемиот дел од нив ќе мораат да чекаат една година за повторно да го полагаат стручниот испит – објаснуваше Топузовска.

Сега останува уште ректорот да го даде конечниот збор и да го потврди новиот декан.

И.М.

 

Поврзани новости