Фолк пејачката Марија Тодоровска, која минатата недела се најде во центарот на вниманието, откако нејзиното поранешно момче во јавност објави експлицитни видео клипови, снимени без нејзино знаење, а на кои тие двајцата водат љубов во времето додека биле во врска, реагира по повод огромниот интерес кој за неа го пројавиле медиумите од целиот регион.

Вели дека иако на сцената е присутна околу седум години, досега не се случило за неа да се заинтересираат добар дел од нашите медиуми, а не пак оние од регионот. Затоа, кога нејзиното име се појавило во десетици портали кои во минатото ја игнорирале како музичар, многу се изненадила. Според неа, тоа доволно зборува за нашиот, балкански менталитет, и како јавноста многу повеќе се интересира за порнографија, отколку за музика или пак било каква уметност.

-Сакав да играм со отворени карти, затоа јавно се решив да проговорам за настанот. Ми беше важно јавноста и моите слушатели да ја дознаат вистината, дека се работи за одмазда, и како јас не сум порно актерка, туку бев снимена без мое знаење. Но она што најмногу ме изненади беше интересот на медиумите за случајот. Разни портали од земјава и од регионот веднаш притрчаа да ја објават веста за аферата. Жално е што голем број од нив никогаш не пишувале за мене како пејачка, не известиле за моите песни, настапи, турнеји… Само ,,Фокус’’ и уште неколку медиуми во минатото пишувале за мене, па затоа сега оваа лавина од текстови ми дојде неочекувано. А што е најважно, го открива и тоа што очигледно на нашиот народ му е најинтересно – секс скандали, наместо музика или уметност, да не зборувам за случувања во културата – вели битолчанката.

Таа додава дека разочарувачки е што голем број од нејзините колешки се борат да дојдат до страниците на медиумите од соседството и тоа е еден вид на престиж за повеќето, а во нејзниот случај се покажало дека и таму, како и кај нас, првенство им се дава на скандалите.

-Да ми кажеше некој пред неколку месеци дека за мене ќе пишуваат и најчитаните српски медиуми, немаше да верувам, бидејќи дури и нашите медиуми се поретко пишуваат за фолк естрадата. Турнати сме на страна, и не знам колку песни и да снимиме, колку турнеји и да направиме, како да сме невидливи. Но ете, се покажа на дело што може да не направи видливи за јавноста. Лоша случка, малер, измама, секс, и сите ќе ти го дознаат името – раскажува Тодоровска.

Сепак, таа вели дека не се кае што јавно раскажала за настанот. Ни кажа дека случајот е пријавен во полиција, и како снимките, од кои две биле идентични, а едната монтажа, се тргнати од интернет.

Вики Клинчарова