Тодор Петров до Меланија и Доналд Трамп: Дојдете во Македонија!

by Fokus

Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, ги кани Доналд Трамп и неговата атрактивна сопруга Меланија во Македонија. По повод кандидатурата на Доналд Трамп за претседател на Соединетите Американски Држави, утврдена на претседателската конвенција на Републиканската партија одржана на 18 и на 19 јули во Кливленд, Охајо, Петров, во име на Светскиот македонски конгрес, упати јавна покана до Трамп, да ја посети нашата земја.

– СМК упатува јавна покана до Доналд Трамп да ја посети Македонија, да ги претстави неговите ставови во однос на погубните политики на демократите на Балканот и визиите на републиканците за овој дел од светот!

СМК ги повикува американските државјани со македонско потекло да учествуваат и на претстојните претседателски избори да гласаат за Доналд Трамп од Републиканската партија за претседател на Соединетите Американски Држави!

СМК верува дека победата на Доналд Трамп за претседател на Соединетите Американски Држави ќе ја смени глобалната политика во светот во функција на мирот и развојот!

Македонците од сите делови на Македонија и во светот веруваат дека Доналд Трамп ќе остане доследен и достоен на признавањето на државата Македонија под нејзиното едно и единствено историско име – МАКЕДОНИЈА, како неотуѓиво, неприкосновено и неотстапно право на самоопределување и самоидентификација на Македонскиот народ – се вели во јавната покана упатена до познатиот бизнисмен и политичарТрамп.

На нашето прашање дали поканата важи и за Меланија, популарната сопруга на Доналд, кој тежи околу 4,5 билиони американски долари, а која по потекло е од Севница, Словенија, и е модел и моден креатор, Петров како од пушка ни одговори: „Нормално“!

Сепак кога го запрашавме каде би ја прошетал познатата двојка доколку дојде во Македонија, дали на пример би ги одвел во Дојран, тој остана без одговор.

Меланија деновиве е актуелна поради својот говор одржан на отворањето на Националната републиканска конвенција во понеделникот навечер, а за кој многумина ја обвинија дека е премногу сличен со говорот на Мишел Обама од пред осум години.

melania trump2

Доналд Трамп, освен што е еден од најпознатите бизнисмени во светот, познат е и по своите модни реални шоу-програми. И Тодор, слично како него, досега има учествувано во модни настани. Пред три години, тој беше дел од жири-комисијата при изборот за Топ модел на Македонија, во организација на модното студио „Шанел“ од Битола.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости