Телма објави аудио-разговор со Загорац Тумбовски

Директно на рака на Гордана Јанкуловска, по налог на Никола Груевски, и` дадов 500 илјади евра, тврди Загорац Тумбовски за „Телма“, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, кој е во бегство откако беше осуден на 6 години затвор во, како што вели, изрежиран процес од врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тумбовски во ексклузивна изјава за „Телма“ вели дека не дал 50 или 80 илјади евра на рака, туку 500 илјади евра и тоа на Јанкуловска по налог на Груевски. Од 2004 до 2006 се дадени парите. Во 2007 година ја имал последната средба со Груевски, а потоа тој е осуден, но вели дека се работи за класичен монтиран судски процес од страна на Груевски, Чавков, Јанкуловска. Тоа се луѓето што ми направија лошо, нагласува Тумбовски.

– Кога бев во притвор, мене ми направија претрес и ми го запленија целиот материјал и „каса прими“, но тие всушност ги зедоа копиите, а јас ги чувам оригиналите. Еден ден тие ќе одговараат за ова, вели во подолгиот телефонски разговор за „Телма“ Загорац Тумбовски.

Целиот разговор беше емитуван по вестите во 18:30 часот на „Телма“, а го има на фејсбук-страницата на телевизијата.

Телефонски разговор со Тумбовски објави и порталот „А1он“.