ТАЖНИОТ ЖИВОТ ВО ВЕСЕЛАТА ШУТКА

by Фокус

Скопската населба Шуто Оризари е полна со живот. Растрчани и распеани деца на сите страни, кои Ве пречекуваат со насмевка. Но, штом ќе навлезете по тесните улички, веднаш имате чувство дека сте стапнале во некој друг свет. Ги здогледувате домовите, стуткани еден до друг, како сардини во конзерва, кои поради нивната импровизираност и тешко дека можат да се наречат така. А, во нив, на неколку квадратни метри живеат и по три, па и четири генерации. Од прадедовци и баби, па сѐ до неколкумина внуци. Тука нема дом во кој се слуша гласот само на едно дете, но затоа има и премногу гладни усти.

Поради недоволниот простор, сите спијат на душеци или ќебиња поставени на подот, а од ќумбињата повеќе излегува чад, отколку топлина, бидејќи наместо дрва, најчесто се топлат на најлони и на пластични шишиња. За бања и тоалет, пак, воопшто да не зборуваме.

Во оваа мало, од кое се излегува како од лавиринт, живеат и 16-годишните Ѓулбер Реџепи и Ѓула Мустафа, заедно со своите малолетни браќа и сестри. И ним помошта им е повеќе од неопходна. Никој од нивните семејства не е вработен, а за да го истераат денот, како што велат, се снаоѓаат како што знаат и умеат.

Кога ги прашавме родителите на двете девојчиња што им е најпотребно, ни посочија дека не знаат од каде да почнат. Но, и покрај тешкиот живот, Ѓулбер и Ѓула се разликуваат по голем број од своите соседи и врсници. И двете се запишани во средно училиште, што им дава надеж дека можеби утре ќе им биде полесно. Но, додека да дојде утре, сите се согласни дека брашното и парите од изборите, одамна се потрошиле, па затоа бараат некој да погледне и во нив. Навистина живеат во лавиринт, но доколку некој сака, лесно може да го најде патот до нив.

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Помош за социјално ранливи групи“ поддржан од фондацијата „Отворено општетсво Македонија“

Поврзани новости