Тажниот тандем Андонов-Чавков

by fokus

 Пишува : Драган АЛЧИНОВ

Синоќа, непосредно после полноќниот прес на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, со свој контрапрес излегоа и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Оливер Андонов и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. Јавноста веќе навикна на бледите имитации и контранастани на Режимот (во варијабилни форми: митинг- контрамитинг, марш-контрамарш, прес-контрапрес) кои се спроведуваат на сила и без рационална аргументација за нивното постоење.

Но, исто така јавноста се навикна и веќе отрпна на обвинувањата на Режимот дека опозицијата и институциите кои не се во орбитата на Фамилијата работат против националните интереси и безбедноста на Републиката. Термините ,,национален интерес’’ и ,,безбедноста на Република Македонија’’ имаат своја тежина, а Режимот намерно ги користи со цел да привлече внимание и да предизвика наратива на страв и деструктивност. Сепак, не сум сигурен дека идеолозите на Режимот се свесни дека ваквите нивни небулози се предмет на јавен потсмев и дека веќе никој не им верува.
Токму вакви небулозни обвинувања беа упатени синоќа на контрапресот, овојпат насочени кон работата на Специјалното Јавно обвинителство. Се изнамачиле Андонов и Чавков да објаснат како со своите истраги СЈО ќе ја загрози јавната безбедност и ќе ги повреди највисоките национални интереси на Република Македонија. И покрај вложениот ноќен труд, обајцата не успеаја да ѝ објаснат на јавноста како може извршувањето на судска одлука да биде предмет на консултации, дискусии и преговори.

Не успеаја да објаснат ни зошто Управата за безбедност и контраразузнавање не беше кооперативна со државниот орган согласно судската наредба. Не можеа да образложат ни зошто ДПМНЕ до вчера буквално секојдневно трубеше и бараше од Јанева под итно да го реши случајот со прислушувањето, односно нелегалното следење на комуникациите, а сега кога СЈО со сите сили работи на расчистување на овој случај бараат изговори истрагата да не биде спроведена.

А не дадоа ни одговор во кое својство се тие таму присутни и кој ги овластил да даваат изјави во името на Министерството за внатрешни работи. Нејсе, работата е јасна: тие не беа таму како државни туку како партиски функционери задолжени по секоја цена да ја замајуваат јавноста и да купат ден или два повеќе за спас на Фамилијата и на самите себеси. Они двајца се како две човечиња оставени во трупот на бродот кој тоне обидувајќи се да го спасат бродот со тоа што ќе ја испијат водата која шприца од сите страни.

Обвинувањата на Режимот се сериозни, иако никој не ги сфаќа сериозно. Имено, обвинуваат дека опозицијата и професионалните државни институции работат спротивно на националните интереси и јавната безбедност на Република Македонија. Но, забораваат или можеби не знаат дека рецепт за нестабилност е рушењето на уставниот поредок, воспоставувањето на неправдата како фундаментален принцип на општеството, занемарувањето на владеењето на правото и етаблирањето на системот на владеење на партијата, недемократското владеење и непочитта кон човековите права, комплетната корумпираност на институциите, неконтролирањето на тајните служби- ете ова е рецептот за расклимување на стабилноста, загрозување на безбедноста и запирање на напредокот.

Од друга страна, она што СЈО го прави во моментов е повторно воспоставување на државата. До сега важеше ,,принципот’’ дека државата ѝ припаѓа на партијата и дека власта е недопирлива за правосудниот систем. Со тоа, всушност, државата беше потчинета на партијата и во пракса не функционираше. Партијата го доби атрибутот на сѐмоќност, а државата стана прост заверувач на одлуките на партијата.

Власта беше надвор од правниот систем и се раководеше од претпоставката дека штом ја освоила власта (иако на крајно сомнителен начин)- има право да не биде потчинета на правото. А сега, благодарение на цврстиот и бескомпромисен пристап на хероините и целиот тим на СЈО, но и крајната решеност на граѓаните да си ја вратат државата, за прв пат гледаме како државните институции работат на остварување на правдата и врз носителите на највисоките функции во државата.

Основната премиса на Шарената револуција беше синтагмата ,,Нема правда- нема мир’’. Политичката пролет која се случи во Македонија јасно и недвосмислено порача дека остварувањето на правдата е неопходен услов за траен мир, а со тоа е и клуч за стабилноста, безбедноста, економскиот развој и сѐопштиот национален прогрес. Од сето ова произлегува дека од највисок интерес на Република Македонија е Специјалното Јавно обвинителство непречено да ја продолжи својата работа.
Затоа, тажниот тандем Андонов-Чавков не се во право кога тврдат дека СЈО го загрозува националниот интерес и јавната безбедност на Република Македонија. Важи токму обратното: токму тие двајца и нивните наредбодаватели работат спротивно на националниот интерес и безбедноста на Републиката. За среќа- не уште долго.

Поврзани новости