Тасева: За „делото“ што го товарат, Заев не може да се гони кривично!

by Фокус

Покрај очигледната политичка димензија на акцијата „Пуч“, во која кривично се гони лидерот на СДСМ, Зоран Заев, поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски, неговата сопруга и локален функционер од Срумица, според експертите, очигледни се и правните пропусти.

Поточно, според соопштението на МВР и обвинителството за акцијата, Заев се товари за кривичното дело „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ од чл.311 в.в чл.19 сторено во обид, за што е предвидена затворска казна од најмалку четири години. Правниците објаснуваат, пак, дека кога делото е во обид, е казниво само кога запретената казна е повисока од пет години, или во случај кога самата одредба го предвидува тоа.

Според Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси интернешнел Македонија“, од опишаните дејствија не може да се заклучи дека се исполнети битијата на ова кривично дело, односно дека Заев не може да се гони кривично.

-Во случајов четвртообвинетиот се сомничи дека кривичното дело го сторил во обид а останатите тројца осомничени му помагале. Овде постои правна ситуација поврзана со казнивоста на обидот за ова конкретно кривично дело, а со тоа и за казнивоста на помагањето на делото кое останало во обид. Имено, законодавецот предвидел дека обидот се казнува како довршено кривично дело кај сите потешки дела за кои е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна, како и за другите кривични дела за кои законот пропишува казнување за обид. Во оваа ситуација тоа не е случај, односно казнувањето за обид на ова конкретно кривично дело не е пропишано, вели Тасева.

Таа додава дека, според неа, не е издржана одлуката првите тројца од осомничените да завршат во притвор.

-Исто така, по своето битие ова дело е идентично со кривичното дело присилба, за што е потребно да била употребена сила или сериозна закана за да се присили друг да стори или да не стори или да трпи нешто, а покрај умислата, субјективната страна на делото ја карактеризира посебна намера за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на државата. Од опишаните дејствија не може да се заклучи дека се исполнети битијата на ова кривично дело, заклучува Тасева.

Во поткрепа на тврдењето на Тасева, говорат и одредбите на Кривичниот законик. Еве што вели член 311 од Кривичниот законик:

„Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија со сила или со сериозна закана ќе го спречи нешто да стори или ќе го присили нешто да стори или да не стори во вршењето на неговата должност претседателот на Републиката, на Собранието, на Владата, на Уставниот суд или на Врховниот суд на Република Македонија, ќе се казни со затвор најмалку четири години.

Бидејќи според овој член делото морало да биде извршено, затоа од МВР, овој член го врзуваат со Член 19 за Обид.

„Тој што со умисла ќе започне извршување на кривично дело, но нема да го доврши, ќе се казни за обид на кривично дело за кое според закон може да се изрече затвор од пет години или потешка казна, а за обид на друго кривично дело само кога законот изречно пропишува казнување и за обид“, стои во Кривичниот законик

Предметот „Пуч“ сега е во истражна постапка, а од обвинителството покрај заканата до медиумите да не објавуваат материјали, не соопштуваат ништо друго. Оттаму не одговорија на прашањето на „Фокус“, дали Заев бил под посебни истражни мерки, односно од кој датум почнале да го следат и прислушуваат, а на кој датум запреле?

Исто така обвинителството не одговори дали видео снимката што беше објавена од „Сител“, на која разговараат Груевски и Заев, е дел од доказите прибавени со ПИМ мерки, или пак лидерот на СДСМ бил незаконски снимен во кабинетот на Груевски.

 

Поврзани новости