Таравари на состанок во Клиниката за Гинекологија, бара детали за смртта на трите новороденчиња

by Fokus
Министерот за здравство Арбен Таравари се сретна со директорката на Клиниката за гинекологија и акуштерство, д-р Викторија Јовановска, со цел детално да се разгледа случајот со трите починати новороденчиња, информираат од министерството за здравство.
За време на средбата од страна на директорката за Гинекологија и акушерство, како и раководителот на интензивна нега е константирано следното:
-Станува збор за прва бременoст на  пациентката со IVF оплодување и степен на ризик поради гестациски дијабет (третиран со инсулин) и преегзистенцијална хипертензија со аплициран Cerclage (подврзување на грлото на матката).
-Пациентката претходно трипати била хоспитализирана во Клиничка болница во Тетово поради гинеколошко крварење.
Со оглед на приемната дијагноза на прснат воденик и излезена папочна врвца, во интерес на новороденичињата, како и здравјето на мајката, бременоста била завршена оперативно со царски рез.
По породувањето, новороденчињата се прифатени од педијатар и акушерка во операциона сала, при што е проведена е примарна реанимација и се ставени во инкубатор и транспортирани на Одделение за интензивна неонатална нега и терапија.
Со ова комплетно се демантираат претходно изнесените тврдења од некои медиуми дека смртта на новороденчињата е поврзана со недостиг од соодветна опрема, односно инкубатори на Клиниката за гинекологија (ГАК).
Согласно информациите од ГАК, по породувањето на секое од новороденчињата е спроведена  ендотрахеална интубација, воспоставена активна венска линија и била дадена терапија по протокол и ординарана трансфузија со албумини.
Од Клиниката одговорно тврдат дека со родителите е разговарано во неколку наврати и објаснета им била состојбата на новороденчињата, третманот како и можните шанси за преживување. Но, и покрај сите напори и дадената терапија, новороденчињата, за жал, починале следниот ден.
Министерот во текот на денот ќе оствари средба со родителите на починатите новороденчиња како и со целокупниот персонал кој бил задолжен за грижа и нега на новороденчињата. Напоменуваме дека доколку извештајот од комисиите констатира неправилности во третманот на новороденчињата, веднаш ќе бидат преземени соодветни, законски мерки.
Министерството за здравство посебно ќе се насочи кон унапредување на условите за третман, посебно на предвремено родените новороденчиња, вложувајќи во најсовремена опрема и стручна надградба на персоналост.

Поврзани новости