Талески по три месеци излезе во јавност, од притвор работел 24/7

by fokus

Битолскиот градоначалник Владимир Талески по три месеци во куќен притвор денеска прв пат се појави во јавност. Градоначалникот признава дека од дома раководел со Општината, иако опозицијата, но и голем дел од јавноста ја критикуваша неговата слобода да има пристап до службени документи додека против него се води истрага за злоупотреба на општинските пари.

-Гледам  тука многу луѓе си правеа полемики, па дури и ги предизвикаа од СЈО да дојдат уште еднаш да проверат што работиме, иако и тие го имаа истото решение. Тврдам дека асполутно во текот на изминатите три месеци немаше никаков застој во однос на проектите, програмата изгласана од Советот. И благодарам на администрацијата која 24 часа дневно беше во контакт со мене, со дел од изведувачите комунициравме, а сега ќе го видите она што го испуштивме во летниот период- изјави Талески пред новинарите.

Градоначалникот најави дека од утре ќе ги презентира сите проекти кои се работеле во изминатиот период, напоменувајќи дека листата е долга.

Талески беше три месеци во притвор за случајот „Транспортер” во кој се сомничи дека преку коруптивни тендери со школскиот превоз ја оштетил општината за 360 000 евра.

Поврзани новости