Талат Џафери закажа координација за во понеделник

by Fokus

Претседателот на Собранието, Талат Џафери за во понеделник закажа координација меѓу претставниците на сите парламентарни партии, пренесе Алсат М.

Можно е по координацијата Џафери да свика посебна собраниска седница, на која би биле усвоени законски измени за продолжување на рокот на надлежностите на градоначалниците.

Тој вчера порача дека не смее да се дозволи блокирање на општините и дека партиите мора да најдат решение за локалниот систем, кој во моментот зависи од политичката волја кај сите партии.

ВМРО-ДПМНЕ исто така побара итно распишување на локални избори од парламентарното мнозинство и за истото предложија три датуми. Антонио Милошоски од оваа партија изјави дека за нив прифатливи би биле 2 јули, 14 септември и 15 октомври како датуми на кои може да се одржат изборите. Интересно е што ваквиот став е ретерирање од претходните јавно соопштени ставови на оваа партија и нејзиниот лидер Никола Груевски, каде се инсистираше локалните да се одржат заедно со нови парламентарни избори.

Иако оваа партија не го признава изборот на Талат Џафери како нов собраниски спикер, сепак седницата каде би се разговарало за распишување на локалните избори, ќе ја води токму Џафери.

Поврзани новости