Талат Џафери доби плакета Амбасадор за мир во Приштина

by fokus

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска и утре во Приштина учествува на конференција организирана од Федерацијата за универзален мир (Европа), во партнерство со Меѓународната асоцијација на пратеници за мир (ECOSOC), соопшти собраниската прес-служба.

Џафери имаше обраќање на конференцијата на тема „Култура и мир на Балканот – Улогата на пратениците”, при што му беше доделена плакета Амбасадор за мир од страна на Федерацијата за универзален мир (Европа).

– Мирот е една од најголемите вредности на човековата цивилизација. Тоа е неделива и универзална вредност која во исто време, поради однесувањето на луѓето е и многу фрагилна. Ние кои живееме на Балканот, таа фрагилност ја почувствувавме во поновата историја, поточно од распадот на некогашна Југославија, а цената беше висока со илјадници изгубени животи, разрушени домови, уништени ресурси. Сепак, со помош на меѓународната заедница сфативме дека сè, па дури и најтешките прашања и разлики на крајот се решаваат со дијалог. Значи, за секој конфликт решението треба да се бара исклучиво преку дијалог, рече Џафери во обраќањето.

Како корисна алатка за подобрување на соработката во регионот, Џафери ја посочи таканаречената парламентарна дипломатија.

– Парламентарната соработка во регионот игра голема и позитивна улога во билатералните и мултилатералните односи, како и во натамошното јакнење на стабилноста и евроатлантската перспектива на регионот. Да не заборавиме дека денес парламентите се најодговорни за доследното почитување на човековите права и слободи, за владеењето на правото и правната држава. Тоа се стандарди и принципи без кои не може да се гради мир и стабилност, како на ниво на држава, така и на ниво на регион.рече претседателот на македонското Собрание.

 

Поврзани новости