Сведoкот на денешното рочиште за нападот на Зијадин Села во Собранието во детали опиша како Села бил евакуиран. Тој објасни дека кога го изнеле од прес-ценрарот го однеле во Клубот на пратеници, каде го прегледала медицинска сестра која рекла дека е тешко повреден и дека е можно да има крварење поради што морало итно да се повика помош.

-Се јавив во Брза помош, од каде ми рекоа дека четири екипи се пратени, ама луѓето не им давале да влезат па ми рекоа да се снаоѓаме – рече сведокот.

Тој раскажа дека на Села му облекле дуксер и му го измиле лицето.

-Тогаш првпат му го слушнав гласот. Почна да офка и да кажува каде го боли. Постојано влегуваа луѓе и викаа: „Жив ли е, маме му ебам“. Тогаш реков дека мораме да го преместиме бидејќи не е безбеден – истакна сведокот.

Тој појасни дека со помош на обезбедувањето преку прозорец и скали за евакуација го изнеле Села и повторно го внеле во собранието, но на катот кај канцелариите. Откако наишле на една отклучена канцеларија, го засолниле внатре. Таму сведокот и обезбедувачот Фета барале помош за да се евакуира Села.

Како што раскажа сведокот, тој се јавил на свој пријател Албанец, замолувајќи го за помош, при што пријателот му рекол дека ќе се јави кај свои пријатели во МВР.

– По еден час ми се јави пријателот и рече за пет минути ќе дојде полиција и ќе тропнат пет пати. Така и беше. Кога влегоа ме прашаа што барам тука. Јас објаснив, а истото го потврди и министерот Никола Тодоров, кој им рече дека помагам – истакна сведокот.

Тој појасни дека го маскирале Села во полицаец, му дале значка и му врзале црвено-жолта трака на раката.

-По 40 минути ни дадоа маски за дишење, го фативме Села кој беше ставен на носилка и го изнесовме – реце сведокот.

В.В.

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.