СВЕДОЧЕЊЕ ШТО ОТВОРА НОВ СОМНЕЖ ЗА ПРОЕКТОТ „СКОПЈЕ 2014“: Дел од барокните градби во Скопје се дивоградби

by fokus

Текстот е објавен на 8 декември 2016 година, во неделникот „Фокус“, во број 1105

Пишува: Валентина ВУРМО

Речиси и да не остана педа земја во центарот на Скопје што не е претворена во градилиште. На атрактивни парцели, во срцето на главниот град се распослаа објектите и спомениците од „стратегиско“ значење за државата, преку реализација на проектот „Скопје 2014“, а дел завршија во рацете на приватни инвеститори, кои, како по некое непишано правило, градат бетонски зданија, повисоки и пошироки од соседните.

Веќе и да нема уличка во поширокото централно подрачје на која не се гради или не се подготвува за градење. Желбите на инвеститорите, пак, се задоволуваат со постојаното менување на деталните урбанистички планови, за да можат најпрвин да добијат атрактивна парцела, а потоа на неа да изградат што е можно поголем објект, иако претходно на таа локација не била предвидена таква градба.

Централното градско подрачје е „мека“ за градежниците бидејќи тука е најскап квадратот, а со тоа и нивната заработувачка, па поради тоа борбата кој да го приграби земјиштето во центарот на градот е најголема.

Филтер на аздисаните градежници треба да биде советот на општината, бидејќи од гласот на советниците зависи дали и како ќе се менува Деталниот урбанистички план, односно тие можат да реагираат доколку некоја градежна маркица е зголемена по обем, висина и квадратура, и тоа да не го дозволат. Но, практиката покажува дека, наместо да реагираат, најчесто премолчено аминуваат.

Затоа на последните локални избори борбата за Центар беше толку жестока. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ направи сѐ за општината да остане во нејзини раце, бидејќи стравуваше дека сета документација од проектот ќе премине кај политичкиот противник, па лесно ќе се види дали и колку е украдено? Од друга страна, пак, партијата на власт не сакаше ниту да ја изгуби моќта да одлучува за тоа кому и за колку да му ги продаде градежните парцели.

Дел од сомневањата за криминал во „Скопје 2014“ излезе на површина по направените ревизии на проектот по нарачка на новата локална власт, поради што градоначалникот Андреј Жерновски поднесе кривична пријава до скопското јавно обвинителство. Таму, пак, веќе три години истражуваат и никако да мрднат чекор понапред. Предистражна постапка отвори и Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

НЕЛЕГАЛНИ ИМОТНИ ЛИСТОВИ

И додека обвинителите истражуваат, „Фокус“ дојде до нови сознанија што фрлаат дополнителен сомнеж дека проектот не е чист. Поточно, според нашиот извор, кој инсистира да остане анонимен, се правеле манипулации и при впишувањето на делот од објектите во катастарот на недвижности.

Значи, покрај тоа што неконтролирано растеа трошоците за изградба на објектите и спомениците, за дел од нив на лице место се менувале и димензиите, кои не одговарале со оние напишаните во одобренијата за градба. Или, пак, имало и случаи кога објектите се граделе на земјиште за кое не биле расчистени имотно-правните односи, поради што не можеле легално да се впишат во катастарот, а со тоа не можело ниту да се извади имотен лист.

Нашиот соговорник ни раскажува дека кога во Агенцијата за катастар на недвижности требало да се впишат објектите од проектот, или објекти изградени од странски инвеститори, од стратегиско значење за државата, некои од вработените добивале задолженија по кои требало итно да постапуваат, односно да ги решаваат со приоритет.

И сѐ ќе беше в ред доколку овие објекти, меѓу кои беа и Музејот на револуционерната борба, мостот кон обвинителството, споменикот „Воин на коњ“, Музејот на холокаустот, зградата на ВМРО-ДПМНЕ, имаа уредна документација. Но, во предметите имаше несовпаѓање на издадената документација, во смисла на поголема површина или габарит од изграденото, дислокација на објектите и несовпаѓање на носителите на сопственоста, поради што не постоеше легален начин за нивно впишување во Катастарот, открива нашиот извор.

Додека локалната власт во Центар беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, ваквите недостатоци се исправувале, но по промената тоа било оневозможено.

Практиката беше тие предмети и пред да бидат поднесени за впишување во Катастарот, се даваа на разгледување на геометар, за подоцна да не бидат одбиени, зашто така би имало доказ, односно би останала трага за причините за одбивањето. Затоа, откако ќе се утврдеа недостатоците, исправките се вршеа во општината, но со менувањето на власта и отпочнатата ревизија на проектот, исправките беа оневозможени, вели нашиот соговорник.

Корекции на документацијата, според неговото кажување, биле правени и за впишување на споменикот „Воин на коњ“ или Александар Македонски. Кога го поставиле споменикот, геометрите утврдиле дека е поставен на локација надвор од градежната дозвола, по што се интервенирало во проектната документација, се прекројувале парцели, а потоа легално бил впишан во евиденцијата на Катастар.

Откако вонредното пеглање на документацијата било запрено, со што се оневозможил и легалниот упис, вработените наводно добивале наредби и биле под притисок по секоја цена да ги впишат објектите, иако документацијата не била исправна. Оној кој им го вршел притисокот се правдал дека и нему му вршат притисок од Министерството за транспорт и врски.

За ваквите обвинувања одговор побаравме од директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славчо Трпевски, но до затворањето на овој број од неделникот не добивме одговор.

СЕ НАДМИНУВАЛЕ ДИМЕНЗИИТЕ И СЕ БРИШЕЛЕ СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ИМОТИТЕ

За да биде појасно зошто дел од овие објекти не можеле легално да се впишат во катастарот, нашиот соговорник посочува неколку примери. Така, за објектите од проектот „Скопје 2014“ кои се изградени покрај кејот на Вардар, вели дека проблемот настанал бидејќи на терен не се градело според проектната документација.

Според проектите, беше предвидено овие објекти да имаат и две подземни нивоа. Но, поради близината на реката Вардар, при градењето се појавувало вода, поради што на почетокот не се граделе, но најчесто биле запишувани како да се градат. Поточно, приватните геодетски фирми кои биле ангажирани за премер на објектите, доколку наидат на отстапувања од проектот со изведбата, се случуваше едноставно да го прецртаат проектот, без оглед на реалната состојба на терен, за да не се утврди дека објектот како-така изграден не би можел да се запише, објаснува нашиот извор.

Проблеми се појавиле и при впишувањето на новоизградениот барокен објект во кој се смести Министерството за финансии. Имено, на земјиштето каде што се градеше овој објект, според катастарската евиденција се водел недоизграден објект (карабина), поранешна Југобанка, кој била впишана во три имотни листови, еден на Република Македонија, вториот на физичко лице и третиот на правно лице. Овие имотни листови со запишано право на сопственост биле на сила се до запишувањето на Република Македонија како единствен сопственик врз основа на ново издадено Одобрение за градење од Министерството за транспорт и врски.

Ова впишување не смеело да се изврши бидејќи геометар утврдил дека објектот е во фаза на карабина и како таков не смеел да биде предмет на мерење, а никако предмет на упис, но и покрај тоа, било донесено решение за упис, со што се поништени трите претходно запишани имотни листа, а се со цел да може да се постапи по новодонесеното Одобрение за градење на министерството, вели нашиот соговорник, кој додава дека притоа воопшто не биле известени дотогашните сопственици дека нивниот имот со запишано право на сопственост, е избришан од евиденција.

Околу запишувањето на сопственоста запнала работата и со објектот кој се гради на местото на Офицерскиот дом. Поточно, тука како инвеститори се јавувале шестмина, односно јавни претпријатија, акционерски друштва и Република Македонија. Според Законот за градење, секогаш како сопственици се запишуваат инвеститорите, секој на својот реален дел на имотот. Но, наредбата била да се заобиколи законот и објектот да се запише само на име на државата, бидејќи потоа само со одлука на владата, објектот би им се дал на други институции, во согласност со потребите. На ова реагирале останатите инвеститори, а завршницата не ни е позната.

Нашиот извор истакнува и дека во катастарот незаконски бил запишан и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите. Според неговото тврдење, овој објект бил впишан иако не било приложено одобрение за употреба, а законот ја предвидувал таа одредба.

Од Агенцијата за катастар на недвижности, покрај одговор за споменатите нерегуларности, побаравме и да ни кажат дали овие објекти се впишани во системот, односно дали имаат имотни листови, но ниту на ова прашање на добивме одговор.

СЕДИШТЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ СÈ УШТЕ НЕ Е ЗАПИШАНО ВО КАТАСТАР

Но, според нашиот соговорник, вакви дубари не се правеле само со објекти изградени во Општина Центар. Тој ни посочува пример и од Општина Карпош. Поточно, тука се појавил проблем при впишувањето приватен објект, кој ги надминувал димензиите споредено со тие што биле дадени во одобрението за градба. За овој објект, вработените во Катастар неколкупати го враќале барањето назад, бидејќи приватните геодети констатирале дека објектот е поголем од предвиденото. Во ваков случај, доколку се утврди дека објектот не е во согласност со важечкиот Детален урбанистички план, се руши во оној дел кој отстапува од мерките. Но, наместо уривање, инвеститорот обезбедил геодетски елаборат од приватна фирма, која утврдила дека сѐ е во ред, односно го прецртала проектот, како да е ист со оној на терен, иако било познато дека не е така, односно визуелно се разликувал. И покрај овие отстапки, објектот бил запишан, а години наназад веќе бил во употреба.

Според нашиот извор, одредени нерегуларности се појавиле и за новото партиско седиште на ВМРО-ДПМНЕ, за што и Општина Центар поведе постапка.

Според информации од Општина Центар, објектот на ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не е впишан во Катастар, бидејќи покрај изграденото партиско седиште, сѐ уште се гради и вториот дел, кој треба да биде хотел, па дури откако ќе се заврши, ќе се изврши впишувањето. Со стариот детален урбанистички план, на ова место не било предвидена толку голема градежна парцела, од 1.200 квадратни метри, но проширените граници објектот ги добива во 2007 година со измени на ДУП-от.

Како што неодамна објави БИРН, целата градежна парцела се простирала врз државно земјиште и според официјалните документи уште на почетокот од наредната 2008 Агенцијата за катастар на недвижности ги зела работите во свои раце, прекројувајќи и спојувајќи парцели, така што, ВМРО-ДПМНЕ можела потоа со еден договор во пакет да ја купи целата земја. Тоа, според БИРН, се случило веќе наредната 2009. Односно во јуни таа година, Миле Јанакиески, во име на Министерството за транспорт и врски, ѝ го продал целото земјиште на ВМРО-ДПМНЕ по пат на непосредна спогодба. Од страната на партијата овој договор го потпишал Мартин Протогер во улога на тогашен генерален секретар.

Партијата го купила земјиштето за нешто повеќе од 130.000 евра, односно приближно за 110 евра по квадрат.

Во наредните години, со неколку промени на ДУП-от за „Мал ринг“, габаритот на објектот пораснал од почетните 700 квадрати на околу 1.200 или колку што е целата градежна парцела, висината скокнала од 25 на 29 метри со што се зголемил и бројот на катови од шест со приземје на осум со приземје и поткровје на кое подоцна му е доградена и тераса.

Одобрението за градба, пак, е издадено меѓу вториот и третиот круг од локалните избори во Општина Центар, односно на 10 април 2013 администрацијата на градоначалникот во заминување, Владимир Тодоровиќ, на ВМРО-ДПМНЕ ѝ издала одобрение за градба на седиштето. Со тоа законски го покрила и го обезбедила градењето на новото седиште.

Од Општина Центар, пак, веќе со месеци се закануваат дека ќе ја урнат терасата на објектот, бидејќи била нелегално изградена, но според последните информации што ги добивме, терасата, сепак, ќе остане, за што било изнајдено „соодветно“ решение.

КОЈ ПРВ ЌЕ ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕ, ЈАНЕВА ИЛИ ГЕШКОСКА?

Документацијата за дел од споменатите објекти со месеци веќе ја чепка и Специјалното јавно обвинителство, од каде што отворија предистражна постапка за случајот „Скопје 2014“. Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, неодамна беше повикан да даде исказ. Тој во 2013 година ги ангажираше антикорупционерите Слаѓана Тасева и Драган Малиновски да изготват ревизорски извештај за проектот.

Конечно, овие ревизорски извештаи се најдоа во вистински раце и ние може да очекуваме правдата да биде задоволена. Не може Македонија да излезе од оваа криза доколку нема правна разрешница на сето она што го слушавме и сето она што е направено. Да бидам подиректен, нема излез од оваа криза доколку оние што ги сторија криминалите не одговараат за тоа, изјави неодамна Жерновски по распитот во СЈО.

Претходно, документите за проектите во Деталниот урбанистички план „Мал ринг“, каде што се сместени најголемиот дел од спомениците и објектите од владиниот проект „Скопје 2014“, општината ги достави во СЈО. За овој проект се потрошени над 600 милиони евра, а во ревизијата откри дека дел од спомениците и објектите биле преплатени.

Од тимот на Јанева се воздржуваат од коментари. Потврдуваат дека за овој предмет е отпочната предистражна постапка, но поради тајноста на постапката одбиваат да соопштат повеќе детали.

Ревизорските извештаи заедно со кривична пријава, градоначалникот во 2013 година ги достави и до Скопското јавно обвинителство, но и по три години „истражување“, тимот на обвинителката Гордана Гешкоска не презеде конкретни чекори. Од обвинителството не одговорија на нашето прашање во која фаза е истрагата за овој предмет.

Додека од ова обвинителство се думаат како да ги оправдаат нерегуларностите во проектот, од СЈО веќе почнаа со работа. Специјалните обвинители објавија дека независно од предистражната постапка за проектот отвориле истрага, со кодно име „Тендери“, поради сомнеж дека последниот тендер од еден милион евра за завршните работи за „Музејот на ВМРО“ бил наместен.

Првоосомничена во случајот е министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска. Освен неа, осомничени за злоупотреба на службената положба се уште три члена на комисијата за јавни набавки.

Според обвинителката Фатиме Фетаи, на 14 јуни 2011 година по телефон, министерката за култура Канческа-Милевска на раководното лице од фирмата „Бетон“ – Штип му кажала да ги работи завршните работи на Музејот на македонската револуционерна борба, а дека тендерот ќе биде објавен подоцна.

Министерката, според СЈО, рекла дека сè е договорено за ниту една друга фирма да не може да го добие тендерот.

Огласот, според веб-страницата на Бирото за јавни набавки, бил објавен на 17 јуни 2011 година, три дена откако во „Бетон“ – Штип веќе знаеле дека ќе го добијат тендерот.

Министерката, пак, ги демантираше овие обвинувања, потенцирајќи дека објектот е чист како солза.

Нејзината реакција е очекувана, бидејќи што ѝ преостанува, освен да спасува жива глава, а на СЈО, пак, да ги докаже своите основани сомнежи.

На крајот, веќе е очигледно зошто ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се обидуваше да остане на власт во Општина Центар. Освен што ја изгубија својата градежна „мека“, ја изгубија и контролата над „Скопје 2014“. На виделина останува да излезат лажните и набилдани фактури, кои како и лажниот мермер не е возможно да се кријат вечно.

РАЗГОВОР ГРУЕВСКИ – ЈАНАКИЕСКИ

Музејот на ВМРО вселен на диво

НГ: Музејот на ВМРО на диво си работеше?

МЈ: Па не знам дали сега има употребна, ама работеше… Претседателе, пола државна администрација не му се упишани објектите во Катастар…

НГ: Е па диво нека се вселат, а?

МЈ: Кој може да ги запре?

НГ: Ај ќе зборам со Никола, ај. А што може да бидат вака последици, ако се вселат на диво?

МЈ: Не дај Боже, нешто ако се случи, не знам, пожар…

НГ: Некој ако се сопне, скрши нога доле и…

МЈ: Не, не. Пожар, да падне зградата…

НГ: Пожар, а?

МЈ: Такво нешто…Па зошто се вселиле…

НГ: Или да падне зградата вика… Може да падне зградата? Трајче се смее, вика нема да падне.

МЈ: Не може ништо да се случи. Не може да го запише во Имотен лист, тоа е вака проблем што…

Поврзани новости