Судијката ги одби адвокатите на Сеад Кочан кои бараа да се одложи рочиштето за „Труст“’

by fokus

Судијката Лидија Трајковска го одби барањето на одбраната во предметот „Труст“ да се одложи денешното рочиште во случајот на Специјалното јавно обвинителство каде меѓу обвинетите е бизнисменот, Сеад Кочан, за тендер од АД ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра.

Кочан се појави на денешното судење во Кривичниот суд на кое треба да се дадат воведните говори. Во првите два часа неговите адвокати бараа одложување на рочиштето и закажување на посебно рочиште на кое ќе ги оспоруваат доказите, по што би следеле воведните говори.

Обвинителот на СЈО, пак, на почетокот од рочиштето рече дека на обвинетите им ги донел сите докази за да им ги скрати маките и времето на оние кои не ги подигнале. Во неговата актовка, рече, се наоѓаат искази на сведоци, вештачења и други материјални докази.

Адвокатката на обвинетите, Сања Алексиќ, му се обрати на судот објаснувајќи дека одбраната ги нема сите докази. Според неа голем дел од доказите не докажувале ништо и не биле поврзани со обвинението. Сепак судијката пресече дека нема да го прифати барањето за одложување и дека рочиштето ќе стартува денеска.

Овој предмет на СЈО се однесува на тендерот што во 2011 година го распишала државната фирма „Електрани на Македонија“ за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола.

Доставувајќи фалсификувани документи за сопственост на мехнизација и за кадровска екипираност, три фирми, задружени во конзорциум, го добиле тендерот на ЕЛЕМ, вреден 1,06 милијарди денари или 17.235.772 евра.

Во „Труст“ се осомничени три правни и три физички лица. Станува збор за фирмите „Трансмет“ од Скопје,, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани.

Поврзани новости