Судиите Џолев и Неделкова ќе го тужат Судскиот совет

by fokus

Судиите Иван Џолев и Лидија Неделкова најавија дека ќе поднесат тужби до Управниот суд. Ќе се жалат на одлуката на Судскиот совет да не ги прифати нивните приговори за вонредното оценување.

Тврдат дека нивните забелешки биле поткрепени со факти, но дека кога биле оценувани не биле земени предвид сите фактори, пренесе Алсат М.

„Судскиот совет ме извести дека мојот приговор за вонредното оценување е неоснован. Укажав дека при бодувањето направена е математичка грешка. Ќе поднесам тужба до Управниот суд,“ изјави Иван Џолев, судија во Основен суд Скопје 1.

И судијката Лидија Неделкова за Алсат М потврди дека добила одговор од Судскиот совет дека приговорот ù е одбиен. Ниедна од нејзините забелешки за начинот на оценување не била прифатена. Советот не ги зел во предвид ниту научните трудови кои Неделкова ги објавила во списанија со импакт фактор.

„Нема друг правен лек. Останува да се поднесе тужба до Управниот суд за начинот на кој сум оценета“, изјави таа.

Неделкова и Џолев се во трка за претседателските фотелји во Врховниот и Кривичниот суд. За првпат Судскиот совет вонредно ги оценуваше судиите кои претендираат да ги водат судовите. Дел од нив реагираа и тоа го окарактеризираа како неуставно со цел да им помогне на одредени судии да ги поправат слабите оценки. Од судскиот совет сеуште не известиле на кои судии им се прифатени приговорите, а оценките поправени, ниту кога ќе се изберат претседателите на двата суда.

 

Поврзани новости