Судбоносно патување на шампионот Мојсоски: Дојдов во Америка на натпревар и станав татко!

by Fokus

Осумкратниот шампион на Македонија во средна категорија во бодибилдинг, а во 2013 година и севкупен шампион, Гоце Мојсоски, деновиве е во Америка. Освен што таму ги започнал подготовките за претстојните натпревари, вели дека времето му е целосно исполнето и со дружбите со неговата ќерка Ева, која со нејзината мајка живее во САД, а ја добил во 2015 година, по што му се променил целиот живот.

-За прв пат во Америка дојдов пред четири години, на натпревар во Чикаго, каде освоив второ место. Со тоа мое доаѓање во САД, по една година ми се роди ќерка, овде во Америка. Ева живее со нејзината мајка, но јас често патувам и ја користам секоја пригода да бидам со неа, да сум дел од нејзиното растење. Со оглед на тоа што имам сопствен бизнис во родниот Охрид, односно сопственик сум на фитнес центарот Фитформ, често сум на релација Македонија – Америка – раскажува Мојсоски.

Тој додава дека енергијата ја црпи од Ева, и како периодов му е исполнет со тренинзи, но и со дружби со ќерката.

-Моментално во САД ги започнав подготовките за претстојните натпревари кои ќе следат во Македонија – Атлета на Македонија, а потоа продолжувам и со подготовки за два натпревари од светски ранг. Се надевам дека ќе успеам да постигнам високи резултати и да ја претставам нашата држава во најдобро светло, да ги одбранам боите на Македонија, затоа што тоа за мене е најголема чест. Ева е сега покрај мене, таа ме мотивира да бидам упорен и посветен на својата цел – вели шампионот.

Освен што е успешен бодибилдер, тој во минатото учествуваше и на неколку избори за мистер.

-Во 2011 година ја претставував Македонија на изборот Мистер Универзум, каде освоив две награди, мистер на популарност и мистер на пријателство. Во 2012 и 2013 година настапив на две светски првенства кои се одржаа во Словенија и таму ги освоив второто и третото место. Имам настапувано на голем број на натпревари во бодибилдинг во многу земји, среќен сум што се враќам со медали и што ја имам титулата осумкратен шампион на Македонија во средна категорија. Покрај сите титули, најзначајна ми е таа – татко на малата Ева – изјави Мојсоски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости