Студентски пленум: СПУКМ наместо да организира забави, треба сериозно да реагира за екстерното тестирање

by Фокус

Студентскиот парламент на универзитетот, наместо само да организира забави и манифестации, треба посериозно да почне да ги преставува интересите на студентите, реагираат од  студентската иницијатива „Студентски пленум“. Тие пред два дена поставија табли кон средно Водно, за да ги потсетат од СПУКМ дека треба да реагираат за државниот испит.

– Сметаме дека е поразително што официјалната студентска организација, која се финансира директно од финансиските средства на студентите кои студираат на факултетите при УКИМ преку ставката ИКСА, досега не застана на страна на студентите кои бараат да не се воведе екстерен испит, кој само дополнително ќе ги оптовари студентите и ќе ги спречи оние кои нема да прикажат позитивни резултати да го продолжат своето студирање – се наведува во соопштението од „Студентски пленум“.

Од таму тврдат дека, според членовите 349 и член 350 од  Статутот на УКИМ, Студентскиот парламент е официјалното тело кое треба да ги претставува студентите пред органите на Универзитетот, факултетот и јавноста.

– До сега, СПУКМ како организација нема излезено со никаков став во јавноста на темата државен испит-мерка, која нема да донесе никаков квалитет во високото образование и само ќе го попречи образовниот процес на многу млади луѓе во Македонија. Важно да се напомене е дека Студентскиот пленум не го признава СПУКМ како легитимен претставник на студентите. Овие активност на Студентскиот пленум се најава за понатамошните активности на оваа иницијатива, чија главна цел е спречување на воведување на државен испит во високото образование – се наведува понатаму во нивното соопштение.

 

Поврзани новости