Студентски марш против екстерното

by Фокус

1511472_1559806324249651_2933752540991897388_nСтудентскиот Пленум по повод 17 ноември – меѓународниот ден на студентите, денеска повикува на голем марш преку кој студентите ќе го произнесат ставот за најавените реформи во високото образование. Зборно место е платото пред УКИМ каде студентите ќе се собираат точно напладне, во 12 часот.

Дополнително, маршот има за идеја обединување на студентското тело во Македонија, потенцирање на проблемот околу (не)репрезентативноста на СПУКМ и поттикнување на студентскиот активизам.

– Го повикуваме секој студент кој што се чувствува обесправен да земе учество во овој марш и со тоа да го покаже своето несогласување со најавената реформа. Ние сметаме дека одбраната на студентските права не е само потреба, туку е и обврска на секој студент! Затоа да се појавиме на овој марш, да ги одбраниме нашите права, а со тоа да покажеме дека студентите не се пасивизирана маса чија единствена цел е стигнување до парчето хартија наречено диплома, туку дека се свесни и активни чинители на едно општество и не дозволуваат да бидат обесправени во рамките на истото. Студентскиот Пленум апелира студентскиот марш да биде мирен, со што ние како идни академски граѓани би го изразиле нашиот демократски капацитет. Исто така Студентскиот Пленум смета дека на маршот секој треба да маршира како студент, а не како партиски полтрон, па затоа апелира секој присутен да се повикува на својата единствено значајна книшка- индексот! – велат од Студнетискиот пленум.

Поврзани новости