Студентите успеаја да ги натераат преставниците на МОН, дебатата за законот да се одржи на академски простор

by Фокус

Студентите успеаја да ги натераат преставниците на МОН, дебатата за реформите во високото образование да се одржи утре во Ректоратот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, откако пред неколку дена беше одложена. Од Студентскиот пленум побараа дебатата да се одржи на академски терен, па дури и во студентскиот дом „Гоце Делчев“, за надлежните институции да имаат можност да видат во какви услови живеат идните академски граѓани.

По точно една седмица од започнувањето на окупацијата на факултетите, Студентскиот пленум во вторникот соопшти дека автономната зона е проширена низ цел Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Синоќа на интерен пленум студентите одлучиле од утре да спроведат окупација и на Архитектонскиот факултет, додека студентите од Градежен факултет се уште се во преговори.

Во текот на вчерашниот ден, бојкот на настава се случи на Педагошка академија, Ликовна академија, Шумарски факултет, Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Природно математички факултет и Земјоделски факултет.На Факултетот за драмски уметности, по иницијатива на студентите, уште од почетокот на окупацијата пред една недела, во знак на поддршка не се реализира настава.

Со автономни зони од вчера почнаа на Битолскиот универзитет, каде што вечерта ја поминале без парно, додека на Штипскиот универзитет, студентите седеле без струја.

Студентите велат дека окупацијата останува се дури не добијат гаранција дека она што ќе се изготви како нов Закон навистина ќе биде имплементирано.

Тие бараат да се потпише спогодба помеѓу Интеруниверзитетската конференција и Министерството за образование и наука која ќе опфаќа: загарантирано учество на Студентскиот пленум во изработката на целиот закон со цел тој да ги рефлектира студентските ставови и перспективи. Формирање на работни групи во кои членовите од Студентскиот и Професорскиот пленум ќе бидат рамномерно застапени, како и рокови за изработка на прв и втор Нацрт на законот.

 

Поврзани новости