Студентите од битолскиот универзитет утре ќе се договараат како да ја блокираат наставата

by Фокус

Студентски пленум – УКЛО, организиран од студентите на битолскиот универзитет, утре ќе одржи блокаден пленум на кој ќе се дискутира за блокада на наставата на некој од битолските факултети. Во настанот на Фејбук, каде што Студентски пленум – УКЛО ги кани сите заинтересирани на дискусија, се вели дека студентите треба да ја вратат автономијата на универзитетите кои повторно ќе станат слободни зони каде што ќе се учи, надоградува и ќе се практикува слободната мисла и критичкото размислување.

Студентски пленум – УКЛО досега организира два масовни протести на кои присутствуваа повеќе илјади студенти и граѓани, а се одржаа паралелно со студентските протести во Скопје на 10 и 26 декември.

10636175_644196805706087_1042537635967804883_nБлокада на наставата денеска се одржа и на техничките факултети од скопскиот универзитет. Студентите од ФЕИТ, ФИНКИ, Машински факултет и Технолошко-металуршкиот факултет прогласија автономна зона и блокада на наставата, додека не се исполнат ветувањата за укинување на изгласаните измени во Законот за високо образование со кој се предвидува државен испит за студенти и објавување на научни трудови на професорите во списанија со импакт фактор.

За утре пак, Студенткскиот пленум од Скопје најави дека ќе креира автономна зона пред платото на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Блокадата на УКИМ е закажана во 11 и 55 минути.

Најавените блокади на наставата доаѓаат откако на 6 февруари, премиерто на Р.М, Никола Груевски, свика вонредна седница на владата по барање на ректорот на УКИМ. На оваа седница, освен претставниците од УКИМ, присутствуваа и претставници од Професорскиот и Студентскиот пленум и било предложено донесените измени во Законот за високо образование да се одложат до 2018 година. Студентскиот пленум бара мораториум на постоечкиот Закон за високо образование, а после сеопфатна дебата за нов закон.

Поврзани новости