Студенти: Ако помине законот во Собрание, ќе бојкотираме, ќе окупираме, ќе блокираме

by Fokus

Со песната „Ропска Македонија“ и транспаренти во рацете „Кому му водите инает?“, „Кого преставувате“, „Дајте нешто појако“. „Ако не завршам факултет, сакам да бидам министер“. „Ние не ве гласавме во три наутро“, неколку стотина студенти, професори и граѓански активисти денеска излегоа пред Собрание, барајќи уште еднаш од народните избраници да не ги изгласаат новите законски измени во високото образование, бидејќи според нив, на тој начин се крши Автономијата на Универзитетот.

Тие го опкружија Собранието со лента, како во криминален филм, сакајќи да го покажат како местото на злосторството. Исто така, носеа транспаренти на кои пишуваше „Не“, свиркаа и викаа „Уаа“, сметајќи дека ако денеска се изгласа законот, на тој начин ќе се погреба високото образование.

– Народните избраници не не’ претставуваат и ние ќе мора да преминеме, ќе бидеме принудени да примениме секакви институционални и вонинстиуционални методи во наредниот период, бидејќи сметаме дека така ќе бидеме слушнати. Досега бевме игнорирани од сите надлежни институции, освен од Кабинетот на претседателот. На средбата тој вели дека ќе псотапел како државник, затоа ние го потсетуваме дека државниците го почитуваат Уставот – вели Ана Нешовска од Студентски пленум.

Таа додава дека досега никој јавно не ги оспорил нивните аргументи, дека овој закон грубо го прекршува Уставот.

– Ако законот го донесат слободно можеме да ги распуштиме факултетите, а дипломи да ни дава господинот Абдулаќим Адеми, откако претходно ќе ни постави пет квиз прашања. Го прашуваме министерот и Владата, партиска книшка да си носиме и на испит или само на интервју  за работа. Каква е таа Влада која е глува за 10.000 студенти? Од каде му е на премиерот такв моќ да повикува гости во Законсдавниот дом? Ако се усвојат измените за законот во високото образование, Студентскиот пленум ќе ја продолжи борбата вонинституционално. Ќе бојкотираме, ќе окупираме, ќе блокираме – тврди Нешовска.

Надвор од собраниските клупи се појави и пратеничката од опозицијата Солза Грчева, која се сомнева во две сценарија, или законските измени ќе се протнат набрзина или пак, ќе се чекат вечерните часови за да се изгласаат зад затворени врати. На протестот, како и секогаш беше професорот Ѓорѓе Марјановиќ, кој им ја дава целата поддршка на студентите.

Поврзани новости