Стразбур пресуди во корист на новинарите кои беа избркани од Собранието на црниот понеделник

by fokus

Европскиот суд за човековите права донесе пресуда во врска со случајот на новинарите кои беа физички отстранети од собраниското обезбедување на седницата за носењето на Буџетот во 2012 година. Во овој предмет постои повреда на членот 10 и членот 6 од Европската конвенција за човековите права, пресуди Судот во Стразбур, пишува Академик.

Според Академик, кои се повикуваат на одлуката на Судот во Стразбур, новинарите Насер Селмани, Наташа Стојановска, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Богдановска и Тони Ангеловски се жалеле пред ЕСЧП за нивното насилно отстранување од собраниската галерија, од која како акредитирани новинари ја следеле дебатата за носењето на Буџетот на 24 декември 2012 година.

Со ваквиот чин, навеле новинарите во жалбата до ЕСЧП, повредени се членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права кој се однесува на слободата на изразување, како и членот 6  кој се однесува на правото на фер сослушување, во конкретниот случај правото на сослушување пред Уставниот суд.

Носењето на Буџетот, образложува ЕСЧП, беше проследено со тензија помеѓу власта и опозицијата. Атмосферата на оваа седница, истакнува ЕСЧП, кулминираше откако опозициски пратеници го опкружија претседателот на Собранието, кој му нареди на обезбедувањето да го осигури редот во законодавниот дом. Следејќи ја наредбата, обезбедувањето од собраниската сала ги отстрани опозициските пратеници, но и новинарите од собраниската галерија, вклучувајќи ги и новинарите жалители во Стразбур.

Овие новинари одбиле да си одат од собраниската галерија, нагласувајќи дека јавноста има право да знае што се случува во Собранието. Тие негирале дека биле информирани дека нивното отстранување од собраниската галерија е поради безбедносни причини и нивна заштита.

Сметајќи дека со ваквиот чин на насилното исфрлање на новинарите од галеријата на собраниската сала била сторена повреда на слободата на изразување, гарантирана со членот 16 од Уставот и со членот 10 од Европската конвенција за човекови права, Здружението на новинарите, застапувано од Насер Селмани во својство на претседател на Здружението и новинарите Наташа Стојановска од Скопје, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Богдановска и Тони Ангеловски, до Уставниот суд поднеле барање за заштита на слободите и правата на новинарите.

Во барањето се наведува дека правото на примање и пренесување на информации е интегрален дел од слободата на изразување и правото на јавно информирање го опфаќало и правото на медиумите непречено да ја извршуваат својата дејност и да ја информираат јавноста. Во барањето се цитираат ставовите на Европскиот суд за човекови права во врска со членот 10 од Конвенцијата (случаи Sunday Times v. U.K, Lingens v. Austria, News Verlags GmbH & Co. KG v. Austria) за улогата на медиумите во демократското општество.

Претходно Уставниот суд го одби барањето на новинарите, посочувајќи дека нивното бркање од Собранието имало за цел да ги заштити новинарите и да обезбеди ред во салата, а не да ги оневозможи во вршењето на нивната дејност.

Со одлуката на мнозинството судии не се согласи судијката Наташа Габер-Дамјановска, која во своето издвоено мислење посочи дека: „Апсурдно е тврдењето дека тоа е сторено за ‘безбедност на новинарите’, кога очевиден факт е дека тие седеле на своите места и биле крајно пасивни, со никакво дејствие не учествувале во настаните, туку само набљудувале, за што имаат и легитимно право, бидејќи тоа е дел од нивната професионална известувачка активност.

Поврзани новости