Странска инвестиција во Кичево „шутна“ вработени кои синдикално се организирале

Пред еден месец вработени во американската инвестиција „Ки сејфти системс” за производство на воздушни перничиња, формирале синдикална организација, а денеска десетина од нив се без работа. Велат дека управата на фирмата ги испратила на принуден одмор пред да им истече договорот. Причината е велат во тоа што се осмелиле синдикално да се организираат.

Прв на удар бил претседателот на синдикалната организација, Слободан Страшеноски, кој пред два дена е известен дека договорот нема да му биде продолжен. Истиот ден од него било побарано да не доаѓа веќе на работа и да користи одмор до истекот на договорот. На ист начин завршиле уште деветмина вработени, сите членови на синдикатот. Известени се дека договорот нема да им биде продолжен и упатени се да користат годишен одмор.

Наместо да ги браниме нашите права во компанија која секојдневно ги прекршува, ние останавме на улица, вели сега невработениот Сашо Богдановски.

-Вчера бев втора смена на работа до десет саат. Во 21.45 ме повикаа за да ми кажат дека од денеска сум на принуден одмор до петти септември и дека нема да ми го продолжат договорот. Во лице ми рекоа дека тоа е поради фомирањето на синдикалната организација – вели тој.

Меѓу избрканите се претседателот, потпретседателот, благајникот и секретарот на синдикалната организација, како и шестмина членови на синдикатот.

Богдановски вели дека правата на работниците се деградирани до тој степен во оваа странска инвестиција, што континуирано работат од понеделник до недела и прекувремено за плата од околу 10.100 денари.

-Пред колективниот одмор кој го имавме летово, 29 дена одевме на работа без ниту еден слободен ден. За викендите мораме да се потпишуваме дека ќе дојдеме на работа, а оние кои нема да се потпишат добиваат закани. Оние кои работат по 12 часа дневно, пак, не добиваат надомест за прекувремени часови – ги објаснува Богдановски условите во кои работат.

„Фокус“ се обиде да стапи во контакт со одговорни во компанијата за да ги провериме овие обвинувања, но никој не одговори на јавно објавените службени телефонски броеви.

Од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство, во рамки на кој се организирале вработените од кичевската „Ки сејфти системс”, бараат од Државниот инспекторат за труд да постапи во случајот. Во допис до Инспекторатот велат дека со бркање на нивните членови се нарушува правото на работниците за слободно организирање.

-Се сомневаме дека на овие вработени договорот не им е продолжен токму поради синдикалното организирање. Компанијата приметила дека нешто се случува и прво реагираа со тоа што во договорите го намалија периодот за врабтување, а сега и со ова – посочуваат од таму.

Најавата за исфрлање на синдикалците од компанијата дошла минатата недела, неполн месец по формирањето на синдикалната организација. Договорите за вработување на определно време, кои претходно биле потпишувани на шест месеци, сега им ги продолжувале на само еден месец. Од СИЕР велат дека токму оваа можност на компанијата и го дава правото да се ослободи од вработените кога сака. Синдикалците не можат да се заштитат кога договорите им се на определно време, велат од таму.

-Имаме голема флуктуација на вработените. Многу често се менуваат. На едни не им се продолжува договорот, а се вработуваат други. Поради тие договори на определено, вработените не можат да ги заштитат своите права затоа што работодавецот може ако сака да се ослободи од нив по завршување на договорот. Побаравме на определно да се вработат барем претставниците од синдикалната организација, но странските инвеститори го одбиваат тоа – велат од СИЕР

Таков е случајот, додаваат, со сите компании во земјава отворени од странски инвеститори. Истиот проблем синдикатите го имаат и во Дрекселмаер, Кромберг и Шуберт, Леар, Костел и други компании отворени во ТИРЗ зоните.

Погоните на „Ки сејфти системс” во Технолошко индустриската зона во Кичево, инаку, беа отворени во 2015 година. Традиционално на отворањето се обрати и тогашниот премиер, Никола Груевски, кој рече дека со години се обидувале да ги донесат во земјава американските инвеститори.

„Девет години траеја преговорите со оваа компанија и денеска со посебно задоволство можам да констатирам дека во Кичево, по долг застој, успеавме да донесеме компанија со светско реноме, која во наредниве две години ќе вработи околу 1.000 лица, што е од особена важност за населението во регионот“, рече Груевски .

Американската компанија КСС произведува воздушни перничиња за автомобилската индустрија, сигурносни појаси и електроника.

Маја Васева