Стоматологија со писмо до Заев и Филипче: Изберете стручен директор или ќе се бориме на улица

by Fokus

Почитуван претседателе, ние вработените во Стоматолошкиот Клинички Центар (СКЦ), Ви се обраќаме за да ви го изнесеме нашето мислење во врска со назначувањето на раководни структури (директор) на СКЦ.

Изминативе години, како по правило за директори на нашата клиника беа поставувани луѓе кои не беа вработени во СКЦ, кои не ја познаваа состојбата, можностите, проблемите во СКЦ. На секој што ќе дојдеше му требаше време да навлезе во работата, а секогаш имаше одредени “душебрижници” кои „ги воведуваа во работата” насочувајќи ги кон задоволување на сопствените желби и потреби воедно занемарувајќи го општото добро на СКЦ, кој постепено тонеше со влошување на меѓучовечките односи, незадоволство на докторите и останатиот персонал од општата состојба, слабиот напредок во однос на техники и современи методолошки пристапи (дури и уназадување поради ненабавување на потребни материјали)…. СКЦ се состои од седум поединечни клиники, секоја со сопствени потреби и проблеми….

Пред околу 18 години, СКЦ претставуваше врвна установа во која се изведуваа за тоа време современи интервенции, беа користени врвни материјали, хигиената беше на врвно ниво, со еден збор беше пример не само во нашата земја, туку и на Балканот и пошироко.

Последниве години, со претходната власт, ние, вработените во СКЦ, бевме сведоци на тонењето на клиниката, се повеќе и повеќе. Во тоа време клиниката беше доделена на ДУИ, период во кој најмногу потона и за што многу се пишуваше во медиумите за злоупотребата од страна на поранешниот директор од ДУИ кој тогаш беше вработен како менаџер со прво работно место во Стоматолошкиот Клинички Центар….

Незадоволството растеше, а ние не можевме ништо да направиме, чекавме и се надевавме дека ќе дојде време кога на власт ќе дојдат разумни луѓе на кои ќе им биде важно да има напредок во сите сфери. Вие во вашата програма истакнавте дека ви е важен напредокот, задоволството на вработените, а со тоа и задоволни пациенти. Истакнавте дека ќе сакате да го слушнете зборот и мислењето на вработените, а не само партиските пазарења.

Сакаме да Ви обрнеме внимание дека само личност која суштински ги познава работите и проблемите во СКЦ (во секоја поединечна клиника посебно), напластените проблеми меѓу СКЦ И Стоматолошкиот факултет кои се неразделна целина може да допринесе до враќање на поранешниот сјај на нашата клиника. Само со ваква личност и со заедничка заложба на задоволни вработени ќе можеме да го вратиме СКЦ на врвот, се надеваме на задоволство и наше, а и ваше како заедничко постигнување. Во моментов е огромно незадоволството меѓу вработените на нашата клиника, кои се подготвени и на улица да се борат за СКЦ…

СКЦ заслужува да се врати како врвна установа, со врвен персонал и со врвни терапевтски достигнувања. Со почит….

Од вработените во Стоматолошкиот Клинички центар

Поврзани новости