Ставриќ: ДПМНЕ потроши милиони евра на промашени проекти, ја претплати опремата, а најавуваше изградба на болници по цени како на Менхетен

by Fokus

ВМРО-ДПМНЕ за време на своето „владеење“ бомбастично најавуваше изградба и реконструкции на болници, а постојано се фалеше и со набавката на медицинска опрема од 100 милиони евра, за која новото раководство на министерството за здравство во моментот прави ревизија. Од тоа што можеме да забележиме, дел од проектите на поранешното владејачко раководство останаа само празни ветувања.

Само осумпати беше најавувана изградба на нов Клинички центар, за кој неколку денови пред заминување, во Владата тогашниот министер Никола Тодоров потпиша договор од 72 милиони евра.

Дел од лекарите реагираат дека сумите што се најавувале и се потрошиле за градежни активности, посебно на болниците, а кои не се оствариле, се по цени како да се гради на Менхетн. Додаваат, дека на сето мора да се изврши ревизија.

– Почнати, преплатени, па напуштени проекти за реконструкција на клинички центар, па нов клинички, па изградба на болници во внатрешноста на земјата. Криминални тендери за исплата на медиумските мегафони, потоа вработување на армија партиски војници од шофери до лекари со единствен квалитет – партиска припадност. Потрошени милиони евра за промашени проекти, кои сега самите ги напуштаат, како проектот плаќање по учинок кој не функционира повеќе од пола година – вели во изјава за „Фокус“, доктор Дејан Ставриќ, поранешен претседател на Самостојниот синдикат на скопските клиники.

И.М.

Поврзани новости