Средношколците до Студентски пленум: Директорите наредиле да се затворат влезните врати на училиштата, за да не се појавиме на студентскиот марш

by Fokus

Продолжуваат заканите врз средношколците во скопските гимназии, да не излегуваат на најавениот студентски марш, информираа од Студентски пленум. Во анонимните дописи кои стигнале до нив се наведува дека директорите, наводно наредиле утре за време на студентските протести влезните врати на училиштата да бидат затворени, за учениците да не се појават на студентскиот марш.

Таков допис до Студентскиот пленум стигнал од една скопска гимназија, од средношколец, кој е заинтересиран за утрешните протести против најавениот државен испит во високото образование.

– Во нашата генерација има позитивен став околу овие протести бидејќи и ние сакаме сакаме да го искажеме нашиот револт преку мирен протест, како дел од едно демократско општество. Но, се зборува дека во текот на утрешниот ден влезните врати на училштата ќе бидат затворени, а се шпекулира дека тоа е наредба од директорите. Одредена група деца планираме да не одиме цел ден на училиште, но повеќето ученици сигурно ќе ја посетуваат наставата барем до големиот одмор. Би ве замолиле за консултација и совет како да постапиме во случај да не не пуштат. Да викнеме полиција и да кажеме дека ни се кршат правата на мирен и демократски глас или имате некое друго решение – се наведува во дописот испратен од средношколец до Студентски пленум.

Од Студентскиот пленум ги советуваат средношколците дека ако случајно се соочат со закaни и притисоци во обид да излезат од училиште, треба да знаат дека тоа е директно нарушување на нивната слобода на движење, право загарантирано со Уставот на Македонија. Затоа според нив, средношколците треба да го документираат настанот и да ги известат надлежните органи.

„Фокус“ веќе објави дека директорите на повеќето училишта добиле наредба да најдат начин да ги спречат средношколците да се појават на утрешните протести против екстерното тестирање, а веќе два дена по социјалните мрежи и медиумите се врти видео во кое неколку директори на училишта се собираат во гимназијата „Јосип Броз Тито“ на неработен ден. Останува нејасно прашањето – што правеле директорите на работа за време на државен празник, кога сите училишта се затворени?

Ова ќе биде втор студентски марш против најавениот државен испит во високото образование, откако претходно на изненадување на 17 ноември сите излегоа околу 3.000 студенти за да го изразат својот револт.

Поврзани новости