Средношколскиот пленум со барање до МОН за стопирање на екстерното тестирање

by Фокус

Средношколскиот пленум испрати барање до Министерството за образование и наука за стопирање на законските одредби за екстерното тестирање.

Нивното барање ви го пренесуваме интегрално:

„Ние, членовите на Средношколскиот пленум, посочуваме на нелогичноста, и несоодветните резултати од спроведувањето на екстерното тестирање, воведено со измените на законите за основно и средно образование од 2010 година, кои стапија во сила од учебната 2010/2011 година. Образложението на тогашниот министер за образование и наука, Никола Тодоров, за оправданоста на ваквото тестирање беше дека квалитетот на учениците треба да се мери со екстерно тестирање поради, како што тој велеше „зголемениот број на одлични ученици“.

Според тогашните изјави на министерот, екстерното тестирање всушност би претставувало само алатка за јасно и прецизно утврдување на квалитетните ученици, а не средство за “наградување” или “казнување”. Дополнително, тој додаде дека резултатите од ова испитување нема да влијаат на општиот успех на ученикот и нагласи дека овие измени имаат за цел да го подобрат квалитетот на образованието во земјава.
Потсетуваме дека според стандардите за оценување во средните училишта пропишани од Бирото за развој на образованието, нивото на знаење и способности кај ученикот се оценува преку следните параметри:

•    Помнење
•    Разбирање
•    Применување
•    Анализа, синтеза и вреднување

Со екстерното тестирање акцентот е ставен на првиот параметар-Помнењето, кој воедно се вреднува најниско. На тој начин, оцената на ученикот добиена од предметниот професор (претходно заснована на сите четири горенаведени параметри) еднакво се вреднува со оцената стекната преку екстерното тестирање, заснована единствено на меморијата на ученикот. Крајната оцена што ученикот ја добил од предметниот професор е заснована на сите претходно добиени оцени по дадениот предмет, како и на целокупната активност на ученикот во текот на школската година. Оттаму, се прашуваме која е оправданоста истата да биде еднакво вреднувана со оцената добиена од екстерно тестирање?!

Доколку ученикот ја добие најниската оцена-недоволен (1) на екстерното тестирање, таа ќе биде впишана во неговото сведителство со што тоа истото станува невалидно, и не може да биде признато во огромен број на странски земји. Потсетуваме дека според чл. 45 од Законот за средно образование сите оценки се преодни освен оценката Недоволен (1) која НЕ МОЖЕ да стои како финална оцена во свидетелството на ученикот, кратејќи му го на ученикот правото на натамошно образување.

Фаворизирањето на краткотрајно меморирање на факти го обезвреднува сиот вложен труд на ученикот во текот на целата школска година, а притоа не се проверува критичкото знаење и квалитет. На овој начин, се девалвира успехот кој ученикот претходно го стекнал, а се анулира и трудот на Наставникот кој му помогнал на ученикот да го постигне тој успех. Сметаме дека резултатите добиени од овој вид на тестирање влијаат негативно на општиот успех на ученикот, и ја поразуваат целта поради која екстерното тестирање е првично воведено.

НИЕ, Средношколскиот пленум, укажуваме дека екстерното тестирање е спротивно на европските образовни стандарди, е неспроведливо и е дел од „реформи“ кои само ќе ги продлабочат, наместо да ги разрешат образовните проблеми во државава! Континуираната проверка на знаењето и способноста на ученикот низ целата школска година НЕ МОЖЕ, и НЕ СМЕЕ да се изедначи со проверката преку екстерното тестирање, која трае само неколку часа.

Поради тоа, Средношколскиот пленум бара одредбите од Законите за основно и средно образование кои се однесуваат на екстерното тестирање, ИТНО и НЕОДЛОЖНО да бидат ставени во мирување! Понатаму, повикуваме на влегување во сеопфатна дебата, заснована на аргументи поткрепени со податоци и факти, со јасен концепт за очекуваните резултати и начинот на кој истите ќе бидат спроведени. Дебата во која ќе бидеме вклучени НИЕ, учениците, како и наставниците, кои го сочинуваат столбот на образовниот систем не само во нашата, туку во која било демократска држава“, се вели во барањето на Средношколскиот пленум.

Поврзани новости