„Советот на мудреците“ како смрт за преостанатиот плурализам

by lali

Како ретко кога, еден мошне важен настан помина речиси незабележливо, создавајќи впечаток дека е намерно шверцуван, како и многу други работи досега. Членот 74 на новиот Статут на Демократската унија за интеграции, кој го предвидува телото наречено „Совет на мудреците“ заслужува да се патентира како изум на албанската политика. За жал, овој „новитет“ ќе ја истреби и онаа мала доза плурализам која некако преживува во општеството и внатре во партијата.

Дефинирано како ориентационо, советодавно и надзорно тело, „Советот на мудреците“ ќе брои 7 членови со доживотен мандат. За среќа, позицијата не може да се остави во наследство, но истоветната ориентација се гарантира со одредбата, според која, одлуките на овој Совет се задолжителни и конечни за партијата. На практично ниво, Советот ќе ги одобри сите кандидатури за пратеници, министри и директори, со можност да ги одбие одлуките на другите партиски тела, со исклучок на тие што доаѓаат од претседателот на партијата, кој, пак, ги именува членовите.

Во една нормална држава, одговорот кон овие коментари би бил дека самата партија одлучува за начинот на организирање, што е сосема легитимна реакција. Но, во нормални земји не може ниту да се помисли за ваква легализација на авторитарно владеење, од причина што партиите се јавни субјекти и доколку тие се водат со апсолутизам, не може да се очекува ништо повеќе во општествата со кои тие владеат.

Ако за ништо друго, овој член е последниот крик што ја означува смртта на албанското политичко организирање во Македонија. По сите неуспеси, диригираното насилство, уцените и системскиот хамбургер-клиентелизам – одлики на сите силни партии – создавањето на една ваква структура е последниот збор, со кој може да се поздравиме со демократијата, во таа преостаната мера.

Вреди да се наведе историската споредба бидејќи работите можат да се заборават случајно или, пак, да се избришат од тие што ја ретушираат политичката историја. Така, првата политичка партија која е регистрирана во Република Македонија е токму еден албански субјект, Партијата за демократски просперитет. Ако се направи споредба од 25.05.1990 до јуни 2014, кога е усвоен овој Статут, јасно се гледа на кое дереџе е дојдено албанското политичко организирање во Македонија.

Вакви апсолутистички, самоименувани и доживотни тела не постојат никаде во светот. Сите приближни споредби доаѓаат од Азија, но и тие се само приближни, никако исти.

Во Иран, на пример, Советот на чуварите на исламската револуција има 12 членови, од кои половина се именуваат од собранието. Сосе сите слабости, дури и иранскиот Совет го ограничува мандатот на членовите на шест години. Малку подалеку, кинеското Политбиро на Комунистичката партија брои 25 членови, именувани од Централниот комитет, што значи дека и овој формален избор се прави на колективно ниво. Свесни за маните на доживотните мандати, Кинезите кои се познати по авторитарно владеење, ги ограничуваат членовите по возраст, пензионирајќи ги на седумдесетгодишна возраст. На крај, дури и авганистанскиот Лоја Џирга се разликува од „Советот на мудреците“ бидејќи обединува различни племиња и не е монистичка структура.

Со еден збор, далеку од Иран или од Кина, неспоредливо со европскиот континент.

Овие тенденции се многу битни бидејќи ја отсликуваат природата на владеењето. Доколку Статутот се почитува и овој Совет функционира, тоа нема да ги погоди само граѓаните, туку во прв ред, цената ќе ја платат членовите и групите во партијата, кои постојано се борат за релативно предимство.

Ако сегашните албански политичари успеат да докажат дека самоименувањето во доживотни тела може да донесе повеќе плурализам и демократија, ќе треба да се запали сета досегашна литература, која во илјадници примери покажува дека недостигот од конкуренција резултира со внатрешна ерозија. Нешто што е веќе заокружено на државно ниво и сега се финализира внатре во партиските структури.

Останува да се види како може да се комбинира вакво апсолутистичко тело со декларираната ориентација за европски и евроатлантски интеграции. Сепак, политичката историја нѐ учи дека секоја власт корумпира, а апсолутната власт корумпира апсолутно. Овој заклучок не е воопшто тенденциозен, туку е дефиниран од Лорд Актон пред 130 години. Ако некој успее да го докаже спротивното, слободно може да почне со пишување нова политичка теорија.

Поврзани новости