Советот на етика ја отфрли жалбата од кумот на Груевски, Новачевски против Јадранка Костова

by Fokus

Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата одржана на 16 јануари 2018 година, врз основа на примена жалба од Ристо Новачевски поднесена против неделникот „Фокус“, ја донесе следната:

ОДЛУКА

ЖАЛБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕОСНОВАНА

Текстот не отстапува од професионалните и етичките стандарди

ЖАЛБА

До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 15 декември 2017 година, Ристо Новачевски поднесе жалба за интервјуто со директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, насловена „Фирмата на кумот на Груевски увезувала фалсификувани лекови од Турција“, објавено на 24 ноември 2017 година и за текстот насловен „И Словенецот Јанез Јелникар увезувал лекови од Турција”, објавен на 1 декември 2017 година, во неделникот „Фокус” (www.fokus.mk).

Во жалбата се наведува дека интервјуто и текстот содржат неточно и нефер известување, нарушување на приватноста, пристрасност во информирањето и незастапена втора страна.

ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ

Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со неделникот „Фокус“ и побара уредничкиот колегиум да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Авторката Јадранка Костова, која воедно и го води интервјуто со Дончев, одговори на наводите на жалителот.

Костова смета дека жалбата е неоснована и дека се апсолутно неточни тврдењата дека во интервјуто алудирала и инсинуирала дека жалителот е сопственик на фирмата „Сирах инженеринг“. Таа во одговорот наведува цитати од интервјуто, во кое, како што посочува, прашањата се надоврзуваат на одговорите на самиот соговорник:

ФОКУС: Која е фирмата која увезува вакви лекови?

ДОНЧЕВ: Најголеми придобивки од воведувањето на паралелниот увоз имаат три форми, кои се директно и индиректно поврзани. Така, меѓу себе, тие три форми контролираат можеби над 50 отсто од пазарот на паралелен увоз во Македонија и се директно во кумска и роднинска релација со претходен премиер.

ФОКУС: Мислите на Ристо Новачевски, преку чија фирма „Сирах инженеринг“ беше купен и плацот на Водно за Груевски?

Од „Фокус“, меѓу другото, потенцираат дека податоците кои се наведени во интервјуто произлегуваат од Централниот регистар, кои веќе биле објавени во безмалку сите медиуми.

ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ

Комисијата за жалби утврди дека жалбата во однос на содржината е НЕОСНОВАНА и дека во интервјуто на неделникот „Фокус“ нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија.

При своето одлучување, Комисијата го зеде предвид и:

 

  • Скенираниот документ од Централниот регистар – Тековна состојба бр. 0805- 50/150020150045145 од 15.03.2015 год. за правното лице ДПТУ „Сирах инженеринг“, објавен на веб страницата на СДСМ: http://arhiva.sdsm.org.mk/upload/pres%20ppdf.
  • Текст со наслов „ГАЛЕРИЈА Панорамски поглед врз кумовската врска на премиерот“ објавен на интернет порталот Плусинфо, на ден 17.03.2015 год.
  • Текст со наслов „Кумот на Груевски пазарел шума, а добил градежен плац“, објавен на интернет порталот НОВА ТВ (Novatv.mk), на ден 26.03.2015 год.
  • Текст со наслов „Кумот на Груевски директор во веледрогерија“ објавен во дневниот весник „Време“, на ден 01.10.2007 год.

Член 3 од Декларацијата на Комитетот на министри на Советот на Европа  за слободата на политичка дебата во медиумите (872 состанок од 12.02.2004 година), во кој се вели дека политичките личности одлучиле да апелираат на довербата на јавноста и прифатиле да бидат предмет на јавна политичка дебата, а со тоа и предмет на надзор на јавноста и на потенцијално силна јавна критика по пат на медиумите, во поглед на начинот на кој ги извршувале или ги извршуваат своите функции.

Член 4 (Јавен надзор над функционери) од истата Декларација, во кој се вели дека функционерите мораат да го прифатат фактот дека, особено преку медиумите, се подложни на јавен надзор и критика во поглед на начинот на кој ја извршувале или извршуваат својата функција, онолку колку што е потребно за обезбедување транспарентност и одговорно вршење на нивните функции.

Пресудата на ЕСЧП Thoma Vs. Luxemburg 2001, 5, каде што се вели дека:

„Медиумите имаат суштинска улога во демократското општество. Иако не смеат да пречекорат одредени граници, особено во однос на угледот и правата на другите, сепак, должност на медиумите е да пренесуваат на начин што е доследен на нивните обврски и одговорности – информации и идеи за сите прашања од јавен интерес. Не само што медиумите имаат задача да пренесуваат такви информации и идеи, туку и јавноста има право да ги прима. Кога би било поинаку, медиумите не би биле во можност да ја играат својата важна улога на „чувар на јавноста“.

Пресудата на ЕСЧП во случајот Steel and Morris Vs. United Kingdom 2005,  94,  за случајот во кој Мекдоналдс корпорацијата („САД Мекдоналдс“) и Мекдоналдс ресторани ДОО („Мекдоналдс Велика Британија“) ги тужеа г-ѓа Елена Стил и г-дин Дејвид Морис, барајќи штета од 100.000 британски фунти за клевета предизвикана од наводното објавување брошура од страна на обвинетите. Судот најде дека:

„Големите јавни претпријатија (се мисли на претпријатија во приватна сопственост) неизбежно и свесно се изложуваат на остро испитување на нивните дејствија, како и во случајот на стопанствениците на претпријатија што управуваат со нив, а границите на прифатливи критики се пошироки во случај на таквите претпријатија (види Фајед против Обединетото Кралство, пресуда од 21 септември 1994 година, Серија А бр. 294-Б, стр. 53, § 75)“

Член 5 ст. 2 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, каде што се вели дека како подрачја и прашања на јавен интерес се сметаат особено: сите облици, институции и активности на вршење на државна власт и јавни институции, локалната самоуправа, општествените дејности како здравството, културата, уметностите, образованието, науката, спортот, средствата за јавно информирање, правниот систем и примената на правото и економскиот систем и економските односи и животната средина.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА

 На седницата на 16 јануари 2018 година, најпрво, членовите на Комисијата за жалби во согласност со чл. 11 од Правилникот за работа, а со цел спречување на влијанија и обезбедување мериторно и непристрасно одлучување, од одлучувањето ја изземаа Мери Јордановска, бидејќи таа како член во составот на Комисијата е предложена од медиумот „Фокус“.

Останатите членови ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина.

Комисијата, најнапред, заклучи дека не може и нема право да ги утврдува фактите наведени во неа. Нејзината надлежност е единствено да ги утврдува етичките и професионалните стандарди во новинарскиот производ.

При своето одлучување, Комисијата, најпрво, констатираше дека содржината во интервјуто произлегува од јавниот интерес, односно обработува актуелна тема од здравството што е дефинирана како подрачје од особен јавен интерес, во согласност  со чл. 5 ст. 2 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Понатаму, членовите на Комисијата најдоа дека тврдењата на жалителот г. Ристо Новачевски за нарушување на приватноста се неосновани, бидејќи тој е сосема легитимна новинарска цел за информирање, истражување и анализирање на неговите општествено­ политички активности од страна на медиумот „Фокус“, а видно од гореприложениот документ на Централниот регистар објавен од политичката партија СДСМ и горенаведените новинарски текстови од пред неколку години тој имал кумовска врска со поранешниот претседател на Владата на РМ г. Никола Груевски. Поради тоа и двајцата како јавни личности од политичкиот живот се предмет на јавен надзор од страна на медиумите и јавноста воопшто. (Член З и 4 од Декларацијата на Комитетот на министри на Советот на Европа за слободата на политичка дебата во медиумите)

Комисијата смета дека прашањата на новинарот упатени до соговорникот се сосема легитимни, бидејќи бараат одговори кои имаат за цел заштита на јавниот интерес и се засноваат и надополнуваат на претходно јавно познати и веќе апсолвирани факти, а тоа е видно од горенаведените новинарски текстови и објавениот документ од СДСМ, со што медиумот во целост ја исполнува улогата на заштитник на јавниот интерес (Thoma Vs. Luxemburg 2001 , 5)

 

 

Во однос на споменатата фирма „Сирах инженеринг“ и др. компании во прашањата на новинарот, членовите на Комисијата најдоа дека и приватните компании, кои се предмет на анализа во текстот на „Фокус“, подлежат на легитимен јавен надзор за нивните дејствија и не смеат да бидат изземени од теми за кои јавноста има право да биде информирана од страна на медиумите, особено за општествените дејности како здравството. (Steel and Morris Vs. United Kingdom 2005, 94).

Што се однесува на наводот на жалителот за незастапеност на втората страна, членовите најдоа дека овој навод е неоснован, бидејќи во конкретниот случај станува збор за медиумски производ од жанрот „интервју“ и во него не може да се вметне втора страна. Жалителот доколку сметал дека му е нарушен угледот или дека се тврдат невистини можел да побара објава на демант или исправка на тврдењата на г. Дончев.

Според толкувањето на членот 1 од Кодексот на новинарите, новинарот може да објави нешто за кое што нема доволно докази, а за кое има доволно индикатори дека е вистина, односно нешто за што постои основано сомнение. Основано сомнение подразбира презентирање аргументи кои се разумни и кои се индикатор дека нешто е вистина, без да имаме конкретен доказ за вистинитоста.

Оттука, Комисијата утврди дека интервјуто е професионално и дека се испочитувани професионалните и етичките стандарди.

*  *  *

Во согласност со наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот.

Во работата на Комисијата учествуваа членовите Мирче Адамчевски, Филип Ѓурчиновски, Сефер Тахири, Теофил Блажевски и Гоце Герасимовски.

Се обврзува неделникот „Фокус” (www.fokus.mk), во согласност со членот 18 од Деловникот за работа на Комисијата за жалби, да ја објави оваа одлука.

 

 


 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости