Сопругот на исчезнатата професорка скршен од болка: Имавме тешка ноќ!

by fokus

Поминавме тешка ноќ, баравме насекаде, и сеуште се трага по мојата сопруга Снежана – не извести утрово Пламен Тројачанец, сопруг на професорката која вчера рано наутро исчезна од нејзиниот дом во Тафталиџе, Скопје.

Тој раскажува дека ја барале Снежана по автобуски станици, по бензински, насекаде каде би можела да се засолни од студот, но безуспешно.

„До три часот утринава баравме насекаде каде што претпоставуваме дека би можела да биде. Немав повеќе сила, а од утринава повторно започнавме потрага. Ни се јави една жена која тврди дека ја видела вчера претпладне, околу десет часот, наспроти студентскиот дом во Тафталиџе. Вели дека и побарала пари, а жената и рекла да оди во црква во Ѓорче Петров, каде евентуално би можела да се засолни. Сега и во околината на црквата се трага. Само да ја најдеме, потресени сме сите“ – изјави загрижениот сопруг.

Исчезнувањето на професорката на факултетот за земјоделски науки и храна ја крена цела Македонија на нозе. Таа вчера рано наутро излегла од нејзиниот дом и повеќе не се вратила. Сопругот забележал дека ја нема околу седум часот утрината, а на пладне веќе го пријавил случајот во полиција.

Таа има 52 години, витка жена е со сини очи, се претпоставува дека е облечена во бели пиџами со шари, кафена јакна со каиш и сиви патики. Со себе не носела ташна, мобилен или било каков документ.

Во разговор за „Фокус“ нејзиниот сопруг вчера изјави дека Снежана цел месец била на домашно лекување, бидејќи страдала од депресија. Во минатото никогаш не се случило да замине од дома без да им каже на најблиските каде оди.

Сите кои што имаат било каква информација за Снежана, можат да се јават на 078 257 878 кај семејството, или пак во најблиската полициска станица.

Вики Клинчарова

Поврзани новости