Соња во расправија со граѓани: Терај си работа, камионите не ми ги подари ни Никола, ни Сашо!

by fokus

Соња Тарчуловска, поранешна фолк пејачка и сопруга на Јохан, кандидат за градоначалник на Кисела Вода од ВМРО ДПМНЕ, од вчера води преписка со свои неистомисленици на социјалните мрежи, кои ја напаѓаат поради тоа што во тек на осум години, додека Јохан беше во затвор, од државата добила 480.000 евра, односно месечно по 5.000 евра.

Додека дел од нејзнините пријатели и следбеници на Фесјбук јавно ја поддржуваат и оправдуваат што ги прифатила државните пари, голем е бројот на тие кои што отворено и порачаа дека треба да ги врати парите.

Тарчуловска не остана должна кон нејзините неистомисленици, па речиси на секој негативен коментар или критика има одговор.

Така на пример, на потсетувањето од еден граѓанин дека имаат камиони во ,,Саса’’, таа му одговара дека не и ги подарил ниту Никола Груевски, ниту пак Сашо Мијалков.

,,Камионите во ,,Саса’’ не ми ги подари ниту ти, ниту Никола, ниту Сашо, ниту било кој друг. Терај си работа, од тие камиони јадат 50 луѓе леб, и тоа чесен!“ – тврди Соња.

Неофицијално, камионите на Тарчуловски работат за рудникот ,,Саса’’ но не е познато што  и каде превезуваат.

Во преписката со граѓаните, на која има стотина коментари, во кои некои ја обвинуваат дека добро се ,,нафатирала’’ со Јохан, таа додава дека законот бил донесен и за Љубе Бошкоски, кој исто така беше Хашки затвореник.

На прашањето од граѓанка дали морала секој месец да оди во Хаг, Тарчуловска и одговара  – Да не требаше тебе да те прашам?

,,Само Господ е тој што суди, не ние луѓето. Но ако по една молитва во денот читаме од библијата, нема да преовладува ваква омраза, осудување и уште многу неправди. Јас го имам мирот и тоа ми е најбитно, се друго во животот поминува’’ – порачува таа на својот Фејсбук профил.

Тарчуловски се најдоа во центарот на вниманието откако во некои портали беше објавен документ, според кој им се одобруваат по 5.000 евра месечно од Резервите на Буџетот на Република Македонија, како парична помош. По низата критики од јавноста, Соња со отворено писмо се обрати кон нацијата и потврди дека парите ги добивале во тек на сите осум години додека Јохан беше во затвор, а ги трошела за авионски билети и хотелско сместување додека му одела на посета.

Тој беше осуден на 12 години затвор поради воени злосторства во Хаг за случајот Љуботен, настан од воениот конфликт во 2001 година, каде што беа убиени неколкумина цивили, а според пресудата од Хашкиот трибунал, акцијата ја планирал и ја спровел токму Тарчуловски. Потоа, казната му беше намалена на осум години, од кои шест години помина во Шевенинген, а останатиот дел го одлежа во германскиот затвор Диез. Во Скопје се врати во 2013 година.

Се шпекулираше дека државата потрошила околу 200.000 евра за неговиот дочек, односно за авионски трошоци, јавна кампања, билборди и слично, но веста никогаш официјално не беше потврдена или демантирана. Никогаш не беше обелоденето и колку пари потрошила државата за ангажирањето на адвокати од САД, за одбраната, сведоците, патувањата на делегациите во Хаг, превод на документи и слично.

Јохан Тарчуловски заедно со пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски ги отвори вратите на Собранието за време на крвавиот четврток, и ја пушти толпата да влезе внатре. Од тогаш, тројцата се спомнуваат во јавноста како вратарите на крвавиот настан.

Вики Клинчарова

Поврзани новости