Софија Теодор: Три сценарија со ЛГБТ теми ми одбија, а не им смета воинот на коњ!

by Fokus

Режисерката Софија Теодор ја обвинува поранешната владеачка партија за хомофобија, бидејќи филмскиот фонд дури три пати одбил нејзини сценарија со теми од животот на ЛГБТ заедницата, но истовремено била изненадена како истата таа партија може да го величи воинот Александар Велики, опишан во сите светски енциклопедии како бисексуалец.

Вели дека во време кога големи и моќни држави за премиери избираат хомосексуалци, кај нас истите се обесправени и распнати на крст, мета на осуди и напади, без оглед на тоа каква професија имаат и со какви професионални способности располагаат.

– Првото сценарио што ми го одбија се викаше ,,Јас знам дека таа ме сака” и беше љубовен однос помеѓу свекрва и снаа. Дури и Холивуд нема направено филм со таква тема. Можеше филмскиот фонд да го поддржи проектов, но изгледа се исплашија од приказната бидејќи тие бараат сценарија до Табановце – истакна Теодор.

Но, додава таа, го реализирав со помош на телевизиите затоа што сум упорен човек и продолжувам напред, не потклекнувам.

– Второто сценарио што ми го одбија се викаше ,,Розе Танга” и стануваше збор за животот на еден травестит. И ова сценарио им беше перверзно ми го одбија, но јас го снимив со помош на српскиот филмаџија Леман, кој за жал сега е покоен. Многу ми помогна и јас сум му неизмерно благодарна – тврди Теодор.

Според неа, третото сценарио што неодамна и го одбиле, е насловено ,,Идила” и во него станува збор за една осамена пијанистка која живее во свој свет и која има лезбејски латентни желби.

– И оваа сценарио не им се допадна, па го испратив во Холивуд.
Значи, три одбиени сценарија со ЛГБТ теми. Што ни кажува тоа?” – вели режисерката.

Таа додава дека сепак е доста благодарна на ВМРО, бидејќи со нивното константно одбивање, успеала да стане многу посилна, да зајакне и да се надгради. Се надевала дека новата влада на чело со премиерот Зоран Заев ќе покаже поголемо разбирање ЛГБТ заедницата и ќе помогне овие луѓе да станат рамноправни граѓани на Македонија, а секоја дискриминација и навреди кон нив, конечно да бидат казнети според закон.

Теодор зад себе има неколку краткометражни филмови и театарски претстави. Никогаш не ја криела својата сексуална ориентација и наклонетоста кон понежниот пол.

,,Треба да се сфати дека членовите на ЛГБТ заедницата придонесуваат исто како и другите граѓани за развитокот на државата, но не уживаат исти права со останатите. Мора да се работи на едукација и да се сфати дека човек со реализирана сексуална орентација не бега од луѓето од ЛГБТ, затоа што е сигурен во својата сексуалност, бегаат само оние кои чуствуваат дека и самите се дел од неа, а поради страв не сакаат тоа да си го признаат.

Контрадикторно е да се воспева ликот на Александар Македонски, а по нас да се мава со дрва и камења. Ова е земја на сите македонци, сите сме исти пред законот и сите плаќаме исти даноци, па затоа со право заслужуваме еднаков третман” – тврди режисерката.

Вики Клинчарова

 

 

Поврзани новости