Со автомобил разнеле заштитна ограда во Неготино: Ова е ужас, не можеме да ја измиеме крвта!

Патнички автомобил Опел Астра утринава околу два часот излетал од регионалниот пат Кавадарци – Неготино, и удрил во заштитната ограда на објектот Агросервис, на влезот во Неготино.

Возачот на автомобилот, 35 – годишниот Н.А. од село Стојаково, се здобил со полесни повреди и бил пренесен и задржан на лекување во кавадаречката општа болница, додека останите тројца сопатници, млади лица, завршиле со тешки телесни повреди и биле пренесени во клиничкиот центар во Скопје.

Сопственикот на Агросервис, компанија за продажба на земјоделски машини и опрема, Ѓоше Стојанов, видно вознемирен од настанот, ни кажа дека кога во раните утрински часови му заѕвонил телефонот, веднаш знаел дека нешто лошо се случило. Неговиот син со семејството, кој живеел на вториот кат од објектот, му кажал што се случило, и тој веднаш заминал на самото место.

,,Ужас, не знам што друго да ви кажам. Во автомобилот млади лица, еве се уште се обидуваме да ја измиеме крвта која е насекаде. Заштитната ограда беше доста јака, не знам со каква сила и брзина удриле, за да можат да ја урнат. Многу се загриживме и за состојбата патниците, значи целата слика е страшна. Внатре во автомобилот, забележав и шише Коњак’’ – вели Стојанов.

Неговиот син, кој во време на несреќата спиел на катот со семејството, вели дека во првиот момент не сфатил што се случува. Ударот во оградата одекнал како експлозија, а кога излегол надвор, се шокирал од глетката.

,,Немам зборови, и хорор да речам, не знам дали добро ќе го опишам настанот. Млади деца, крв насекаде, разлетани делови од автомобилот и оградата. Полицијата дојде веднаш, Итната помош ги презеде повредените. Знаеме дека се здобија со тешки повреди и се надеваме дека ќе бидат добро. Имаме голема материјална штета, започнавме да расчистуваме уште рано утринава, но најважно ни е повредените да се спасат’’ – вели тој.

Од СВР Велес го потврдија настанот. Според нив, патничкиот автомобил Опел Астра, со велешки регистерски ознаки, излегол на левата страна на патот и удрил во заштитната ограда на Агросервис, при што возачот, Н.А. (35) од Стојаково, се здобил со полесни телесни повреди, додека тројцата патници завршиле со тешки телесни повреди. ,,Земени се примероци од крв за анализа, истрагата е во тек и дополнително ќе се дознае причината за несреќата. Ако во автомобилот имало шише со алкохол, не мора да значи дека бил конзумиран тогаш, можеби стоел во возилото со денови. На местото на несреќата нема радар, што значи не можеме да потврдиме и точно со колкава брзина се движел автомобилот, но вешти лица работат на случајот’’ – ни изјави Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.

Вики Клинчарова