Слободанка Алексовска не може да биде вратена на раководната позиција оти е под суспензија, велат од Агенцијата

by fokus

Комисијата за спречување на корупција го прифати приговорот на Слободанка Алексовска, вработена во Агенцијата за вработување како раководител на Центарот за вработување на Град Скопје, која приговараше дека Агенцијата го прекршила Изборниот законик со тоа што ја деградирала од позицијата по распишување на изборите. Сепак од Агенцијата за вработување не можат да ја вратат Алексовска на старата позиција затоа што се наоѓа под суспензија.

-Како прво Алексовска е на боледување. Иако земала слободни денови таа сепак доаѓала на работа за да дава наредби на вработените. Од тие причини е под суспензија – велат од Агенцијата.

Од таму додаваат дека се уште немаат добиено официјален допис од Антикорупциска, а по добивање на решението ќе постапат, како што велат, исклучиво во согласност со позитивните законски прописи.

-Сметаме дека Државната Комисија за спречување корупција направила превид во утврдување на фактичката состојба врз основа на која го дала своето мислење. Како појаснување, Агенцијата за вработување на РМ  има донесено решение за суспензија на вработената Слободанка Алексовска согласно законските прописи и истото е потврдено со Одлука од страна на второстепен орган (во случајот Агенција за администрација на РМ). Врз основа на ова решение, а согласно законските прописи е извршена исплата на плата. Воедно, постојат материјални докази и за низа сторени повреди во вршење на работата и работните задачи  и извршени злоупотреби на службена положба и овластување од страна на вработената Слободанка Алексовска – велат од Агенцијата.

Инаку, неодамна новата директорка на Агенцијата за вработување (АВРМ), Билјана Јовановска, ја обвини Алексовска дека злоупотребила околу 9.000 евра од буџетот, купувајќи предмети за свои лични потреби. Алексовска реагираше дека врз неа се врши политички реваншизам и деградација на државни службеници во Агенцијата кои што не се политички истомисленици.

Поврзани новости