СЈО се сомнева дека Панчевски му давал тајни информации на Иванов за нивните предмети

По денешниот четиричасовен претрес на канцеларијата на судијата Владимир Панчевски, неговиот дом, како и домови на уште двајца вработени во судот, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева истакна дека прибирале докази поради отворена предистражна постапка за оддавање на службена тајна и местење на предмети.

Поради тајноста на постапката Јанева не откри детали за истрагата, но сепак како што неофицијално дознава „Фокус“ од свои извори, СЈО се сомнева дека од Кривичниот суд протекле службени тајни информации кои стигнале се до претседателската вила на Водно, поточно до претседателот Ѓорѓе Иванов.

Според шпекулациите, СЈО наводно се сомнева дека преку Панчевски претседателот Иванов ги дознал имињата на осомничените и сведоците на СЈО, кои требало во таа фаза да се чуваат во тајност.

Како што е веќе познато на листата на помилувани од страна на претседателот Иванов беше наведено и името на сега починатиот Коста Крпач, за кој СЈО по неговата мистериозна смрт објави дека тој не бил осомничен, туку сведок. Тогаш веднаш се постави прашањето од каде претседателот Иванов дознал дека Крпач соработува со СЈО? Претседателот Иванов тогаш се оправда дека си имал твој свои начини и извори на информирање.

-Каков сум јас претседател ако немам свои извори на информации, изјави Иванов.

Од СЈО пак му пратија неколку барања и ургенции за да одговори од каде му се податоците за постапки кои се тајни.