СЈО ја чешла тендерската документација во РЕК Битола

by fokus

Две обвинителки од СЈО од денеска ја истражуваат тендерската документација во РЕК Битола која се однесува на ископ на јаловина и транспорт на јаглен од рудникот „Суводол“, дознава Фокус од извори во битолскиот комбинат.

Во една од опозициските бомби што ги објави лидерот на СДСМ Зоран Заев, во разговор помеѓу поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски во шифри, со асоцијации или по име, се спомнуваат директорите на градежните компании „Пелистер“ од Битола, „Трансмет“ од Скопје, „Гранит“ од Скопје, како и еден од сопствениците на „Силекс“ од Кратово, кои биле главни учесници на тендерите на државната компанија ЕЛЕМ.

Споменатите компании ги добивале јавните набавки на ЕЛЕМ во текот на 2012 година.

Познато е и тоа дека Друштвото за градежништво и услуги „Пелистер“ од Битола, истата година со ЕЛЕМ го потпишало најголемиот тендер за 2012 година кој бил наменет за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во рудникот „Брод-Гнеотино“, вреден 53,3 милиони евра со важност од две години. Во постапка на преговарање по претходно објавен оглас, ЕЛЕМ добил четири понуди од економските оператори, а договорот го склучил со „Пелистер“.

Компаниите „Пелистер“ од Битола и „Трансмет“ од Скопје, во периодот од 2010 до 2014 година се компании кои добиле најмногу тендери од ЕЛЕМ.

Поврзани новости