СЈО: И без законски измени продолжуваме со истраги

Специјалното јавно обвинителство продолжува со работа и покрај тоа што Собранието ги одби неговите барања за измени на законот за заштита на сведоци и продолжување на мандатот за истраги.

Од СЈО за „Мета” велат дека оставаат на пратениците да одлучат за нивните барања, за кои како што потенцираат, „се од клучно значење за одредени предмети”.

-Ова јавно обвинителство во март оваа година ја поднесе иницијативата за измени на Законот за заштита на сведоци и оставаме тоа да го решат пратениците во Собранието. Веќе неколкупати јавно апелиравме за неопходноста од изменување на овој закон- велат од СЈО за Мета.

Од СЈО во повеќе наврати апелираа Собранието да ги донесе измените во законот за заштита на сведоците за да може подлабоко да се навлезе во истрагите за „Монструм”, „Сопот” и Мартин Нешковски.

Овие барања во вторникот беа одбиени од пратениците на владејачкото мнозинство.

Веднаш после тоа реакции имаше од Делегацијата на Европската Унија, амбасадите на САД и Холандската амбасада кои ги повикаа партиите да му дадат поддршка на СЈО и да ги прифатат барањата.

Предлогот за измена на овие закони пратеникот Павле Трајанов вчера одново ги поднесе до Собранието.